четврток, 2 април 2026

ГРОМ прашува кој дозволил Пулс да работи после декември 2024, ДУИ вели за Кочани мора да се зборува

Според политичката партија ГРОМ, ден Д од каде треба да се насочи истрагата за пожарот во Кочани е 21 декември 2024 година денот кога Управата за јавни приходи (УJП), на дискотеката Пулс ѝ ставила пломба и го затворила. Од ГРОМ прашуваат кој дозволил дискотеката да работи и покрај пломбираната врата и блокираната сметка на фирмата. Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) пак, во денешното соопштение велат дека деновите на молк завршија и сега мора да почне да се зборува за Кочани.

Објавено на

часот

Сподели

Како што велат од ГРОМ во денешното соопштение со притворање на „цела чета виновници“ и барање на вина низ историјата, а не гледајќи вина во денешните припадници на власта е само невешт политички маневар за истрагата да се оттргне далеку од нивната одговорност.

Воопшто не е битно дали објектот го затворила УЈП, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Центарот за управување со кризи (ЦУК), Пазарната инспекција или полицијата. Важно е дека официјален надлежен државен орган издал наредба за забрана за работа на овој објект. Клучно прашање на кое што треба да одговори истрагата е кој го отвори објектот? Кој дозволи да биде отворен објектот? И на крај, со чиј политички амин ова незаконито дејствие е истолерирано? Фактот што дискотеката Пулс до денес сѐ уште има блокирана сметка кажува дека и во моментов овој објект би требало да биде пломбиран. И доколку оваа одлука се почитувала, а надлежните во УЈП, полицијата и Пазарната инспекција се потрудиле истата одлука да биде спроведена, 59-те млади луѓе денеска ќе беа живи и ниту еден немаше да биде повреден“, велат од ГРОМ.

Од партијата бараат Јавното обвинителство „да не подлегнува на политичките маневри на власта туку ласерот на истрагата да го насочи во вистинска насока и одговорноста да се бара од сегашниот, а не од ланскиот снег“.

Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) пак, во денешното соопштение велат дека деновите на молк завршија и сега мора да почне да се зборува за Кочани.

„Од првиот момент на трагедијата, додека пожарот сè уште не беше изгаснат, додека граѓаните во шок бараа одговори и надеж, гледавме како врвот на власта – наместо да сочувствува – започна политичка хајка. Наместо со информации, излегоа со обвинувања. Наместо со смиреност, со закани. Се впери прстот кон другиот, кон минатото, кон тие што не се дел од нив. Без да почекаат фактите, ја активираа машинеријата за префрлање вина. Се конструираше приказна според која лиценцата на дискотеката, дадена години претходно за кабаре, стануваше основа за апсење на поранешен министер – со лисици, камери и насловни страници. Иако сите знаат дека лиценците не се трајни, не се автоматски продолжени, сите знаат дека се минати години откако се истечени, а дури И конкретната – фалсификуваната – завршила три дена пред трагедијата“, велат од ДУИ.

Од ДУИ прашуваат зошто кога сите локални институции, од полиција до инспекторати, го знаеле тоа, го гледале тоа, не смееле да реагираат и да ја спречат трагедијата.

„Тоа беше неформалното собиралиште на целата  политичка, криминална и бизнис елита на Кочани и поширокиот регион. Од градоначалници, пратеници и партиски претседатели на ограноци, па се до инспектори, командири и функционери – сите биле редовни гости, во блиски релации со сопственикот и неговата екипа, на сите им било јасно дека зад овој објект стојат моќници кои го штитат, и затоа никој ништо не треба да прашува“, обвинуваат од ДУИ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ