Како што најави вчера на својот Фејсбук-профил, Тунберг денеска присуствуваше на протестите на македонските активисти за спас на реката Дошница.
И претходно, од македонските еко-здруженија предупредуваа дека јавноста е целосно исклучена од процесот на одобрување на мали хидроцентрали, односно дека Владата му го продолжила рокот за изградба на концесионерот за двете мали хидроцентрали на Дошница, за една година.
Веќе е почнато со расчистување на теренот на планината Кожув за изградбата на двете мали хидроцентрали, алармираат од граѓанското здружение „Чејнџмејкерс“ од Гевгелија. Исечена е шума, а механизацијата почнала да копа по коритото на реката, додека активисти застанаа на блокади против проектите, велејќи дека се закана за целиот жив свет во пределот на реката.

Денеска на социјалните мрежи се појави видео во кое Грета Тунберг учи да игра македонско оро на Дошница, заедно со другите активисти собрани на протестот.
Шведската еко-активистка Грета Тунберг во четвртокот престојуваше во Тетово, каде што го посети Општествено-културниот центар Тетово.
Посетата на Тунберг во Македонија доаѓа по неколку бурни денови на Балканот, во рамки на нејзината активистичка агенда за поддршка на палестинскиот народ. Пред да пристигне во земјава, таа учествуваше на протест во главниот град на Албанија, Тирана, каде што на плоштадот Скендербег се обрати пред насобрани граѓани, повикувајќи на итен прекин на израелската опсада врз Газа.Само неколку дена пред тоа, Тунберг беше дел од хуманитарна мисија со бродот „Мадлин“, кој се обиде да достави помош за цивилите во Газа. Бродот беше пресретнат од израелските сили во меѓународни води, по што активистката беше депортирана и вратена назад во Европа.
https://www.facebook.com/watch/?mibextid=wwXIfr&v=634166009153743&rdid=SieSWucVeNqsYx0W






