Солунскиот суд неодамна одлучи дека случајот е застарен и ја укина мерката притвор, додека барањето за екстрадиција во Македонија било отфрлено. Боцевски денес има 60 години и беше уапсен во мај годинава во Катерини, каде што живеел подолг период.
Тој беше осуден на 15 години затвор поради убиството на 37-годишниот Сеат Ибраими во ноември 1997 година. Според документите од македонското обвинителство, Боцевски намерно предизвикал сообраќајна несреќа, а кога Ибраими излегол од возилото за да ги види оштетувањата, бил застрелан. Судењето се одржало една година подоцна, но осудениот веќе не бил достапен за издржување на казната.

Пред грчкиот суд, Боцевски тврдел дека бегството било поради политички притисоци, дека работел во обезбедувањето на претседателот Киро Глигоров и дека се чувствувал загрозено. Во меѓувреме, во Грција изградил нов живот и сопствен бизнис со изнајмување соби во областа Пиерија.
Тој, преку своите адвокати, изјави дека во тој период служел во личното обезбедување на тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, и дека бил на мета поради политички причини. Според неговите тврдења, бил задржан во притвор 90 дена, по што бил пуштен на слобода, а потоа избегал со пасош издаден од македонските власти.
Грчките судии го одбиле барањето за екстрадиција со образложение дека казната е изречена пред повеќе од две децении, па според грчкото законодавство делото е застарено.
Сепак, македонската потерница по Боцевски е активна на страната на МВР, што значи дека доколку влезе во земјата, тој треба да биде приведен од македонските власти.
К.Д.






