понеделник, 8 декември 2025

Грчките земјоделци ги блокираа граничните премини Евзони и Ники, отворен само преминот кај Дојран

Кусо по 18 часот попладнево по локално време, грчките земјоделци одново го затворија граничниот премин Евзони и веќе речиси четири часа во прекин е сообраќајот за влез и излез од Грција, а поради блокадите, граѓаните кои планираат да патуваат кај јужниот сосед, најдобро е да го користат граничниот премин Дојран, јави дописничката на МИА од Атина.

Објавено на

часот

Сподели

Евзони попладнево беше само неколку часа отворен, за да поминат камионите кои чекале за излез од Грција, но и автомобилите заглавени во делот меѓу двете граници.

Земјоделците од регионот на Пеонија, веќе четврти ден имаат паркирано над 150 трактори на грчката страна од граничниот премин, а денеска пристигнаа дополнителни околу 130 трактори од градот Јаница.

Според информациите на МИА, грчките цариници ги информирале нивните колеги, автобусите и автомобилите кои стигнуваат на Евзони да ги пренасочуваат кон Дојран.

Конкретниот граничен премин, засега останува единствениот на кој нема блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива непречено.

На Ники (Меџитлија) претпладнево стигна конвој трактори и кусо го блокираа сообраќајот за влез и излез од Грција.

Пракса на земјоделците, како и во изминатите години за време на нивните протести, е да не ги најавуваат блокадите, со оглед на тоа што тракторите и земјоделските возила се паркирани на граничните премини и остануваат таму, а на секојдневни состаноци, надлежните земјоделски комисии одлучуваат кога и на колку време ќе блокираат.

Оваа пракса веројатно ќе се следи и во следните денови, а земјоделците, барем засега, немаат намера да отстапат.

Во внатрешноста на Грција, кај месноста Никеа во близина на Лариса има околу 1.800 трактори и затворен автопатот Солун-Атина, кај градот Кардица во блокот учествуваат над 2.000 трактори, а блокада има и на излез од Солун во правец кон Атина.

На повеќе локации каде што се блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки, што во Грција се толкува како порака дека нема да отстапат и доколку е потребно, празниците ќе ги поминат на улица.

Грчките земјоделци, протестите ги започнаа во неделата, најавија постепено интензивирање до 5 декември, а засега нема информации до кога ќе траат.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ