Во однос на тоа колку е Грција подготвена за конкретниот систем што се воведува на 12 октомври и како точно ќе функционира, дописничката на МИА од Атина пред десетина дена побара одговор од портпаролот на грчката Влада на редовниот брифинг со новинарите, кога Маринакис рече дека „Грција се прилагодува на секој систем, што мора да го има една земја-членка, една држава-членка“, но и дека за повеќе детали дополнително ќе нè информира откако ќе ги добие потребните информации од ко-надлежните министерства.
„Од 12 октомври, Грција ќе интегрира 99 пунктови за пасошка контрола. На овие пунктови: инсталирана е целата опрема што се однесува на ефикасното функционирање на системот за влез и излез; испратен е информативен материјал до сите управни тела и до конадлежните министерства и извршени се посети за да се потврди подготвеноста и соодветноста на објектите и опремата“, информираа од Министерството за заштита на граѓаните на Грција.
Новиот систем за влез и излез од ЕУ што од 12 октомври постепено ќе се воведен, предвидува електронска евиденција на биометриски податоци (фотографија и отпечатоци од прсти), како и точни записи за датумите на влез и излез.
Од макеоднското Министерство за внатрешни работи вчера информираа дека ЕЕС-системот се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или шенген – зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена), а ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
„При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување на податоци од пасошот. За да се олесни процедурата, на граничните премини ќе има и пунктови за самопослужување, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации. При следните патувања, контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка“, информираа вчера од МВР.
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази, што значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција, додека пак од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.
Претседателот на Унијата на полицајци од Кукуш, Христос Карјотудис, за МИА пред неколку дена коментираше дека конкретно за копнениот граничен премин Евзони, каде што најголемиот дел од патниците се од трети земји, системот можно е дополнително да ја отежни работата и функционирањето на самиот премин и дополнително да се зголеми времето на чекање, но сепак посочи дека персоналот е подготвен, а полицајците се обучени за употреба на системот.
Паралелно посочи дека добра околност е тоа што воведувањето започнува сега, а не во летниот период и ќе има време да се разработи.






