Медиумите во Грција коментираат дека „уште една земја воведува драстични мерки за запирање на поскапувањата поради војната на Блискиот Исток“, дека Maкедонија презема мерки за високите цени на горивата и објаснуваат дека ДДВ-то се намалува на 10 од 18 отсто што ќе важи за бензинот и дизелот за следните две седмици.

„Владата на Северна Македонија соопшти намалување на ДДВ-то на горивата, во обид да ги ограничи поскапувањата на цените предизвикани од војната на Блискиот Исток. Одлуката предвидува речиси преполовување на данокот, со цел да се задржат цените на бензинските пумпи“, пишува онлајн изданието на весникот „Та неа“.
„ДДВ-то на бензинот и на дизелот ќе се намали од 18 на 10 отсто“, изјави премиерот Христијан Мицкоски пред новинарите по седницата на владата посветена на ова прашање, објави државната телевизија ЕРТ.

Грчките медиуми објаснуваат дека одлуката стапува во сила денеска, ќе важи во следните две седмици и ја пренесуваат изјавата на премиерот Мицкоски дека „цената на бензините ќе остане иста, а цената на дизелот да се зголеми околу 3 до 3,5 денари (0,04 до 0,05 центи) по литар“.
Дополнително, повикувајќи се на податоците од француската новинска агенција, пишуваат дека цените на бензинот и на дизелот вчера се зголемија на околу 1,40 и 1,49 евра за литар.

Во Грција, во однос на горивата, пред две седмици, со одлука на Владата беше воведен плафон на профитната маржа што не смее да надмине 5 центи по литар гориво во големопродажбата и 12 центи на бензинските пумпи во Грција, додека пак претпладнево грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе соопшти нови мерки за поддршка на граѓаните, меѓу кои се очекува да биде вклучен и бензинот.
Утрово, цената на бензинот во Атина е над 2 евра.
МИА






