четврток, 25 декември 2025

Граѓанскиот суд на 30 декември треба да пресече дали Апасиев законски ја презел Левица

Дали Димитар Апасиев законски ја презел партијата Левица треба да се знае на 30 декември за кога е закажана објавата на пресудата во Основниот граѓански суд Скопје. На денешното рочиште беа дадени завршните зборови во кои двете спротивставени страна ги изложија своите аргументи дали зошто Апапсиев (не)законски ја презел партијата.

Објавено на

часот

Сподели

Пет години по почетокот на судскиот процес кој треба да даде одговор дали претседателот на Левица, Димитар Апасиев (не)законски ја презел партијата, му се гледа крајот. Денеска во Основниот граѓански суд Скопје беа дадени завршните зборови во кои двете спротивставени страни ги изнесоа своите аргументи. Овој судски процес е резултат на тужбата на дел од членовите на Президиумот кои го тужат Апасиев за незаконско преземање на партијата.

Зоран Василески, член на Президиумот на партијата, кој воедно е и законски застапник на тужителите вели дека Апасиев на криминален начин ја приватизирал Левица, а завршните зборови се случуваат денеска, симболично, на истиот датум на кој 1914 година војниците на Западниот фронт го спуштиле оружјето за да го прослават заеднички Божик.

„Сепак, датумот е само коинциденција. Ја користам приликава да му порачам на криминалецот дека никакво примирје нема да има, туку напротив, ‘ќе го бркам до бакарно гумно’ и во наредната 2026 година, а ако е потребно и во следната 2027 година. Неговиот избор е или да се соочи со своите злодела, или да избега во Дубаи заедно со неговиот ментор. Конечно, ова е постапка со чија одлука може да започне враќањето на довербата на судството. Народот или неизбраната самопрогласена аристократија – прашање е сега!“, вели Василески.

Тој тврди дека во кратката историја на Левица од 2016 до 2019 година, главните внатрешни политички борби се воделе на состаноците на Централниот комитет (ЦК) кога се гласало за нов член на Президумот кој претставува седумчлено Претседателството. Василески тврди дека Апасиев, во текот на целата 2018 година пробувал да внесе „свои послушници“ во Президиумот, за да обезбеди превласт во партијата.

„Имено, до 11-тата седница на ЦК, во Президиумот Апасиев успеа да ги внесе Борислав Крмов и Реџеп Исмаил, па му фалеше уште еден член – а тоа беше Јована Мојсоска. И тоа беше дометот на тужениот со статутарни средства. После тоа следеше планот Б – претседавачот Саше Јанчев да не го потпишува записникот од овој состанок на ЦК на кој наместо Јована Мојсоска – во Президиумот беше реизбран Здравко Савески. Забрзувањето на криминалните дејствијата на тужениот беше предизвикано и од свежиот прилив сериозни буџетски средства на партиската сметка за кои тужениот сакаше самостојно да одлучува како секој добар газда на приватна фирма. Така се создаде ДООЕЛ Левица, а легитимното раководство на политичката партија ја поведе постапката што судот успеа да ја извлече шест години без епилог“, вели Василески.

Сепак, тој е оптимист и сака да верува дека „безаконието може да се запре, а правото може да се реституира“.

„Имајќи ја предвид тужбата со прилог записници, одлуки, нотарски изјави на мнозинството членови на Централниот комитет, изготвеното инфроматичко вештачење со кое е докажана автентичноста на официјалната партиска мејл комуникација, имајќи го предвид увидот во вонпарничните предмети за упис на промени во регистарот на политички партии, имајќи ги предвид сите одржани рочишта и исказите на тужителите при распитот, очекуваме судот да го усвои во целост нашето тужбено барање“, вели Василески.

Правниот застапник на претседателот на Левица, Димитар Апасиев, адвокатката Тамара Велковска за МКД.мк кратко изјави дека засега нема коментар во врска со овој случај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ