Според истражувањето, иако голем дел од јавните услуги формално се достапни, граѓаните сè почесто се соочуваат со проблеми со нивниот квалитет, а во некои случаи мораат и дополнително да плаќаат за услуги што треба да бидат обезбедени од системот.
Истражувањето открива дека постои сериозен јаз меѓу достапноста и квалитетот на јавните услуги, што директно влијае врз секојдневниот живот на граѓаните.
„Достапноста на услугите не е доволна ако не е придружена со соодветен квалитет.“
Транспортот и инфраструктурата меѓу најкритикуваните
Анализата на достапноста на јавните услуги покажувала дека и во 2025 година перцепциите на граѓаните значително варираат во зависност од типот на услугата, се наведува во анализата. Според резултатите, граѓаните најмногу незадоволство изразуваат од неколку клучни сегменти на јавните услуги. Меѓу нив се јавниот транспорт, патната инфраструктура, здравствената инфраструктура и медицинската опрема и делови од енергетската инфраструктура. Голем дел од испитаниците сметаат дека квалитетот во овие области е низок или недоволен, што го отежнува секојдневното функционирање на граѓаните.

„Квалитетот на услугите значително варира меѓу различни сектори и региони. Во споредба со 2024 година, се забележуваат умерени промени во перцепцијата за достапноста на јавните услуги, при што кај одделни сегменти се регистрираат ограничени подобрувања, а кај други дополнително влошување на перцепциите. Ново во 2025 година во однос на 2024 година е тоа што јавниот транспорт бележи изразено нето подобрување на пристапот. Сепак, 70 отсто од граѓаните сè уште го оценуваат јавниот транспорт како недостапен или недоволно достапен“, се наведува во анализата на Фајнанс тинк.
Јавни услуги со дополнителна цена
Истражувањето покажува и дека многу граѓани се соочуваат со дополнителни трошоци за услуги што формално се дел од јавниот систем. Најголемите трошоци се поврзани со здравствените услуги и образованието. Според анализата, ова создава дополнителен товар за домаќинствата, особено за оние со пониски приходи.
„Перцепцијата за достапноста на основните училишта останува во голема мера непроменета во однос на претходната година. Основното и средното образование и понатаму се издвојуваат како најдостапни јавни услуги. Во 2025 година, 69 отсто од испитаниците позитивно ја оценуваат достапноста на основното образование, додека 50 отсто позитивно ја оценуваат достапноста на средното образование. Овие резултати во голема мера се должат на широката територијална распространетост на училиштата и нивната релативната финансиска пристапност за домаќинствата. Во здравството, пристапот до матичните лекари е понатаму релативно позитивно оценет, при што 60 отсто од граѓаните изразуваат задоволство од нивната достапност. Сепак, овој наод повеќе укажува на формалната достапност на примарната здравствена заштита, отколку на нејзината долгорочна одржливост. Примарната здравствена заштита и понатаму претставува клучна влезна точка во системот, но се соочува со сериозни кадровски и структурни предизвици. Релативно повисоките оценки за примарната заштита укажуваат дека таа и понатаму функционира како стабилна точка во здравствениот систем, и покрај општите предизвици поврзани со кадровската и инфраструктурната одржливост“, се наведува во анализата.
Како Умерено достапни услуги се наведени предучилишно образование и студентски услуги, а како ограничено достапни услуги се карактеризирани можностите за пракса и услугите за вработување.
Како најслабо достапни услуги граѓаните ги навеле специјалистичкото здравство и грижата за стари лица.
„Домовите за стари лица се најнегативно оценетата услуга во целокупната анализа. Вкупно 78 отсто од граѓаните ги оценуваат како недоволно или целосно недостапни, при што се забележува пораст кај бројот на лица кои го оцениле пристапот како ‘целосно недостапен’. Овој тренд укажува на влошување на состојбата и на растечки јаз меѓу потребите на населението и постојните јавни капацитети, во услови на забрзано стареење на населението. Негативната перцепција за домовите за стари лица не произлегува само од ограничените капацитети, туку од структурна неусогласеност меѓу демографските трендови, социјалните политики и моделите на долгорочна грижа“, покажува анализата.

Граѓаните плаќаат илјадници денари за јавни услуги
Образованието, здравството и грижата за стари лица се најголем товар за семејствата. Трошоците што граѓаните ги имаат при користење на јавните услуги претставуваат еден од клучните показатели за тоа колку тие услуги навистина се достапни и колку финансиски ги оптоваруваат домаќинствата. Анализата на перцепциите на граѓаните покажува дека постојат значителни разлики и во висината и во структурата на трошоците, што во голема мера зависи од животната фаза на семејствата, нивото на приходи и специфичните потреби.
„Во споредба со претходната година, не се забележуваат значајни промени во вкупното ниво на издатоци за јавни услуги. Иако дел од услугите се поврзани со пониски и релативно предвидливи трошоци, кај други тие претставуваат сериозно финансиско оптоварување за домаќинствата. Образованието носи дополнителни трошоци за семејствата. Кога станува збор за предучилишното образование, најголемиот дел од граѓаните пријавуваат месечни трошоци меѓу 1.000 и 5.000 денари. Ова укажува дека голем дел од семејствата се потпираат на државно финансирани градинки, каде што трошоците се релативно пониски и предвидливи“, пишува во анализата.
Фото: Фајнанс тинк
Сепак, ситуацијата е поразлична во основното, средното и високото образование. Таму распределбата на трошоците е значително поширока. Околу 25 проценти од граѓаните пријавуваат месечни издатоци од 1.000 до 5.000 денари, 22 проценти трошат меѓу 5.001 и 10.000 денари, додека 17 проценти имаат трошоци над 10.000 денари месечно. Кај дел од нив тие достигнуваат и повеќе од 30.000 денари.
„Овие податоци покажуваат дека значителен број семејства вложуваат сопствени средства во дополнителни образовни активности, како приватни часови, курсеви и други форми на поддршка. Трендот може да се толкува како знак дека родителите чувствуваат потреба да го надополнат формалниот образовен систем, било поради перцепиран квалитет на наставата, било поради зголемената конкуренција и барања во образованието“.
Во делот на здравството, структурата на трошоците останува релативно стабилна во однос на претходната година. Најголем дел од граѓаните пријавуваат месечни трошоци за лекови и медицински помагала од 1.000 до 5.000 денари. Сепак, значителен дел од домаќинствата се соочуваат и со многу повисоки здравствени трошоци, особено кога станува збор за лекарски интервенции и болничко лекување. Од вкупно 34,2 проценти од граѓаните кои пријавиле вакви трошоци, 21,5 проценти трошат до 10.000 денари месечно, додека 12,7 проценти имаат издатоци меѓу 10.001 и над 30.000 денари.
„Стабилноста во структурата на овие трошоци не мора да се толкува како позитивен тренд. Напротив, таа може да укажува на недоволна системска заштита од директни плаќања, особено за хронично болните лица, постарите граѓани и домаќинствата со пониски приходи. Ова отвора прашање за потребата од посилни механизми за финансиска заштита во здравството, проширување на листата на лекови покриени од јавното осигурување и подобра контрола на болничките трошоци“, се наведува во анализата.

Грижата за старите лица е најголем финансиски товар за граѓаните. Кај услугите поврзани со грижата за деца и стари лица, околу 32 проценти од граѓаните наведуваат дека немаат никакви трошоци, што укажува дека овие услуги не се релевантни за сите домаќинства и зависат од животната фаза на семејството. Но, за домаќинствата кои имаат вакви обврски, трошоците можат да бидат значителни. Кај грижата за стари лица, осум проценти од граѓаните пријавуваат месечни трошоци до 10.000 денари, уште осум проценти трошат меѓу 10.001 и 30.000 денари, додека 11 проценти имаат издатоци над 30.000 денари месечно.
Кога станува збор за јавниот транспорт, најголем дел од граѓаните пријавуваат месечни трошоци од 1.000 до 5.000 денари. Овој финансиски товар е особено изразен кај жителите на руралните средини, каде што јавниот транспорт често е нередовен или ограничен, а патувањето до урбаните центри подразбира дополнителни и неизбежни трошоци.
„Перцепциите на граѓаните покажуваат дека, иако дел од јавните услуги се поврзани со умерени и предвидливи трошоци, кај други – особено здравството, образованието и грижата за старите лица – финансискиот товар е значителен и нерамномерно распределен меѓу домаќинствата“, покажува анализата.
Според истражувањето на Институтот за економски политики и истражувања Фајнанс тинк, подобрувањето на квалитетот на јавните услуги и намалувањето на финансискиот товар врз граѓаните се меѓу клучните чекори за подигнување на животниот стандард во земјата.
И.О.






