четврток, 9 април 2026

Граѓаните бараат итна заштита на децата во дигиталниот простор: Одговорноста не е исклучиво врз родителите, потребен е сеопфатен национален пристап

Забрана за пристап до социјални медиуми за деца под 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години поддржуваат  76% од испитаниците во истражувањето на Институт за демократија – Социетас цивилис Скопје

Објавено на

часот

Сподели

Јавноста во Македонија испраќа јасна и силна порака: потребни се итни мерки за заштита на децата од штетните ефекти на социјалните медиуми. Според резултатите од анкетата, дури 76% од испитаниците ги поддржуваат двете највисоки категории на поддршка за забрана на пристап до социјални медиуми за деца под 12 години и регулација на пристапот за малолетници, додека 58% целосно ја поддржуваат оваа мерка. Просечната оценка на поддршка изнесува 4,3 од 5, што укажува на широк општествен консензус дека институциите не смеат повеќе да чекаат, реагираат од Граѓанска иницијатива „За безбедно детство“.

Анкетата ја спроведе Институтот за демократија – Социетас цивилис Скопје, преку теренско истражување на национално репрезентативен примерок од 1.000 испитаници во период од 27 февруари до 10 март.

„Овие наоди силно ги подржуваат барањата на граѓанската иницијатива ‘За безбедно детство’, чија петицијата ‘Заштита на децата до 16 години – забрана и регулација на социјалните мрежи во Македонија’, досега ја поддржаа речиси 3.000 граѓани. Во неа јасно бараме заштита на децата до 16 години преку забрана и регулација на употребата на социјалните мрежи, во која се бараат јасни законски и институционални мерки: возрасна верификација, засилена родителска контрола, ограничување на алгоритамско таргетирање кон деца, посебна заштита на личните податоци на малолетници, санкции за платформите и национална програма за дигитална писменост.

Анкетата покажува дека поддршката е висока кај различни демографски групи. Таа е особено изразена кај повозрасните испитаници (околу 80% над 40 години), но останува силна и кај помладите возрасни категории (69% од оние 18-29 години) подржуваат регулација. Поддршката е висока и кај урбаното и кај руралното население, што покажува дека прашањето не е маргинално, туку станува збор за тема што ги засега семејствата, училиштата и целото општество“, се наведува во соопштението до медиумите на Граѓанска иницијатива „За безбедно детство“.

Австралија стана првата земја во светот што ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години во декември 2025, блокирајќи го пристапот до платформи, вклучувајќи го ТикТок, Јутјуб и Инстаграм, како и Фејсбук на Мета и Снапчет .

„Оваа дебата не е изолирана ниту локална. На европско ниво, Дигиталниот акт за услуги (DSA) веќе воспостави обврски платформите да преземаат мерки за заштита на малолетниците и воведе целосна забрана за таргетирано рекламирање кон деца. Во јули 2025 година, Европската комисија објави и насоки за заштита на малолетници онлајн, насочени кон ризици како штетна содржина, проблематично и зависничко користење, сајбер-насилство и небезбедни комерцијални практики. Истовремено, Комисијата стави на располагање и европски прирачник  „блупринт“ (blueprint) за возрасна верификација, со акцент на приватноста и минимизирањето на податоците – Дигитална стратегија (Digital Strategy)“, нагласуваат од иницијативата.

Покрај тоа, неколку европски држави веќе одат чекор понатаму. Грција ќе го забрани пристапот до социјалните медиуми за деца под 15 години од 1 јануари 2027. Шпанија во 2025 година испрати до парламентот нацрт-закон за заштита на малолетници во дигитални средини, а во 2026 година владата јавно најави мерки што вклучуваат забрана за пристап до социјални мрежи за малолетници под 16 години, со задолжителни механизми за ефективна возрасна верификација. Норвешка, пак, во 2025 година најави јавна расправа за нов закон со апсолутна старосна граница од 15 години за пристап до социјални медиуми.

„Ова покажува дека Европа веќе се движи кон построги правила за заштита на децата во дигиталниот простор.  Во таа насока, Македонија не треба да биде набљудувач, туку да дејствува навремено. Особено затоа што европските регулатори веќе ја зголемуваат примената на правилата за заштита на малолетници: Европската комисија во 2026 година отвори и конкретни постапки поврзани со безбедноста на децата на платформи како Снепчет , а донесе и прелиминарни наоди за прекршувања кај други платформи поради недоволна заштита на малолетници.

Пораката од анкетата е недвосмислена: граѓаните очекуваат институциите да ја стават безбедноста, приватноста и здравиот развој на децата пред интересите на платформите и нивните алгоритми. Наместо доцнење и префрлање на одговорноста исклучиво врз родителите, потребен е сеопфатен национален пристап што ќе ги обедини Собранието, Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за заштита на личните податоци, Агенцијата за електронски комуникации, училиштата и родителите“, порачуваат од иницијативата „За безбедно детство“.

Од иницијативата веќе имаат и конкретни барања во однос на заштитата на децата во дигиталниот простор:

-Носење законски измени за ограничување и регулирање на пристапот до социјални медиуми за деца и малолетници;

-Воведување сигурна и приватносно-заштитена возрасна верификација; обврска платформите да понудат посебни, засилени безбедносни стандарди за малолетни корисници;

– Јасни механизми за брзо отстранување на штетна содржина и санкции за непочитување; како и национална програма за дигитална писменост, родителска поддршка и ментална хигиена во училиштата.

„Ова не е повик против технологијата. Ова е повик за одговорност, заштита и правила. Детството не смее да биде препуштено на алгоритми дизајнирани да го задржат вниманието по секоја цена. Македонија има шанса да покаже дека заедно со дигитализацијата на општеството знае да реагира навреме, разумно и во најдобар интерес на неговата иднина – децата.

Ги повикуваме сите родители, наставници, стручни лица, организации и граѓани и политичката јавност да ја поддржат оваа иницијатива и да побараат итно институционално постапување“, апелираат од. Граѓанска иницијатива „За безбедно детство“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ