Тој информираше дека со градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески и директорот на Јавното претпријатие Градски паркинг, Владимир Кроневски, го означиле почетокот на нов, современ начин на користење на услугите, како и стартот на новата зона Д12 (D12), лоцирана во Реонскиот центар во општина Аеродром.
„Станува збор за простор што се уредуваше во повеќе фази, поради неговата големина и значење. По добивањето на сообраќајното решение, пристапивме кон целосно уредување на јавната површина со поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација, со што во функција се ставаат 1.302 паркинг места, дополнети со 32 наменети за лица со попреченост, односно вкупно 1.334 уредени паркинг позиции. Зоната ги опфаќа улиците 1612 и 1613, односно целиот Реонски центар“, соопшти Ѓорѓиевски.
Како што најави тој, од 1 април, сите станари, како и физичките и правните лица со издадена дозвола, ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која ја поседуваат дозволата.
„Станарите добиваат можност за две бесплатни дозволи за станарски возила, а право на паркирање ќе имаат и вработените во правни субјекти кои гравитираат на зоната, како и останатите заинтересирани корисници. За останатите, цената ќе изнесува 25 денари за час. Канцеларијата за аплицирање се наоѓа во зградата на Рударски институт на булеварот ‘Јане Сандански’, број 113“, појасни градоначалникот.

Тој додаде дека паралелно со ова, воведуваат и нов, дигитален пристап кон услугите.
„Од 1 април, ќе може да се поднесуваат барања за дозволи по електронски пат преку платформата „moj.parking.mk“, за сите паркиралишта под надлежност на Градски паркинг – зонско паркирање, паркиралишта со рампа и катни гаражи. Истовремено, овозможено е и онлајн плаќање на месечните и годишните дозволи, со што значително се поедноставува и забрзува целиот процес. Дополнително, во тек е подготовка на нова зона за паркирање во Ново Лисиче, каде што веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и дополнително ќе се пристапи кон поставување на информативни табли за зонско паркирање, која ќе овозможи 2.719 места“, пишува во објавата на Фејсбук.
Градоначалникот нагласи дека посветено се работи на воведување ред во паркирањето, намалување на сообраќајниот хаос и создавање фер и функционален систем.
„Уреден јавен простор, еднакви правила за сите и современи услуги што го олеснуваат секојдневието“, нагласи Ѓорѓиевски.






