„Селекцијата на кандидатите по јавниот оглас не ја врши општината, туку исклучиво Агенцијата за администрација преку Комисија формирана со решение на директорот. Таа комисија ја води целата постапка – од административната селекција, преку испитот и проверката на доставените докази, до интервјуто. По завршувањето на сите фази, јас сум законски обврзан да го изберам прворангираниот кандидат“, реагира Трајковски.
Тој објасни дека во конкретниот случај, избраниот бил единствен и прворангиран кандидат, по што градоначалникот донел Одлука за избор и Решение за вработување, во целост почитувајќи ја законската процедура. Трајковски вели дека нема законска обврска лично да врши увид во доставената документација, бидејќи таа надлежност и одговорност ја има исклучиво комисијата на Агенцијата за администрација.
„Сакам да нагласам дека нема никаква злоупотреба на службената положба. Постапив во согласност со законот и врз основа на завршената селекција спроведена од Агенцијата за администрација“, вели Трајковски.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека е поднесена кривична пријава против градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пријавата, Трајковски во 2018 година донел незаконска одлука за вработување на кандидат кој веќе ги исполнувал условите за пензионирање, со што му овозможил да се стекне со противправна имотна користод 505.561 денари на име плата и да нанесе штета на Општина Делчево во износ од 762.318 денари по основ на исплатени придонеси и плата.






