сабота, 27 декември 2025

Градоначалникот на Лерин забранува да се пеат песни на македонски јазик

За време на традиционалната прослава на Коледе во Лерин (Флорина) градоначалникот Василеос Јанакис забрани пеење на македонски јазик. За време на настапот на групата „Ендопика“ и изведбата на македонските народни песни „Елено ќерко“ и „Софка на татко“ дошло до интервенција на градските власти со наредба дека било забрането пеење на македонски јазик и дека песните може да се изведат само инструментално.

Објавено на

часот

Сподели

За присутните ова беше класичен акт на властите на цензура и притисок врз македонското малцинство.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) остро ги осуди постапките на градоначалникот на Лерин (Флорина), Грција, и локалните општински власти. „Цензурирањето на уметничкото и културното изразување врз основа на јазикот претставува јасно кршење на основните човекови права и е во директна спротивност со обврските на Грција според Европската конвенција за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Слободата на изразување, културното учество и правото на јазичните малцинства да го користат својот јазик се основни принципи на европската рамка за човекови права, а не дискрециски привилегии и предмет на локален политички притисок. Овој инцидент не е единствен. Се работи за  долгогодишен и модел што се применува во делови од северна Грција (Егејска Македонија), каде што македонскиот јазик и идентитет продолжуваат да се третираат како нелегитимни или заканувачки“, соопшти ОМД и ги повикува грчките власти, Советот на Европа и институциите на Европската Унија да го истражат овој инцидент.

Грчките медиуми објавија и реакција на партијата Сириза, партијата потписник на Препанскиот договор според кој македонскиот јазик веќе не е забранет во Грција, во која се вели дека македонскиот е „словенски“ јазик.

И во мај годинава во општина Суровичево (Амидео) во округот на Лерин беше забранет настапот на групата „Македонски мерак” на спортски настан, а по приговор од помала политичка партија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ