„Во духот на вековната православна традиција, денес во Крива Паланка беше одбележан големиот христијански празник Богојавление – Водици, кога, според верувањето, се осветуваат водите и се симболизира Христовото крштевање во реката Јордан, носејќи здравје, благослов и духовна сила за верниците.
По тој повод, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, се фрли по светиот крст во водите на Крива Река, испраќајќи силна порака на вера, заедништво и почит кон православните обичаи.
Чинот претставува симбол на духовна чистота, обновување и нераскинлива врска меѓу традицијата, локалната самоуправа и народот. Во студените води на Крива Река, градоначалникот Митовски уште еднаш покажа дека вистинските вредности се чуваат и потврдуваат со дела“, се вели во соопштението.

Настанот бил проследен од голем број граѓани и верници, кои со аплауз и поддршка ја споделија празничната радост
По фрлањето на светиот крст, Општина Крива Паланка организираше заедничка празнична прослава. За присутните беа бесплатно поделени над 4.000 порции пивтија, топли пијалоци и скара на жар, а беше организирана и музичка програма.
Празничниот ден беше збогатен со настапот на Ленче Кукиќ, која со своите изведби внесе радост и автентичен народен дух.

„Нека светите води ни донесат здравје, мир и благосостојба во секој дом“, порача градоначалникот, Сашко Митовски.






