понеделник, 29 декември 2025

Градоначалникот на Кочани поднесе неотповиклива оставка

Во овие најтешки мигови за нашата земја и за мене лично, сакам да соопштам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Кочани. Оваа загуба е огромна! Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и семејни пријатели, напиша предмалку градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов на својот фејсбук профил.

Објавено на

часот

Сподели

Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина, а празнината што остана е непреболна, напиша Папазов.
„Барам од сите надлежни институции да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани! Непостапувањето е исто така одговорност. Мора да се истражат сите детали, да се најдат сите пропусти, а сите лица што придонеле кон оваа трагедија мора да одговараат. Јас се ставам целосно на располагање на институциите. Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за се’, како и за моите лични постапки“, вели Папазов во обраќањето до кочанчани.
Тој уште пишува дека нема зборови што можат да ја опишат неговата болка, но, во овие моменти, мора да се покаже доблест, да се манифестира целосна одговорност и да се покаже разлика во начинот на постапување.
„Со нашето однесување мора да дадеме пример дека се спротивставуваме на системот кој не функционира. Доколку постои било каков основ за одговорност кај мене, го повикувам обвинителството да го испита тоа и да постапи согласно законите. За мене, после оваа трагедија, ништо повеќе нема исто значење! Ова беа наши деца. Многумина, со право, забележаа зошто вчера не излегов во јавност цел ден. Но, тие што ме познаваат знаат колку сум скршен и како го доживувам ова што се случи. Тешко е, и тешко ќе го преживеам. Работев чесно и посветено целиот свој живот!
Никогаш не сум ни помислил дека вака ќе заврши и мојот ангажман, но сега се повлекувам од оваа функција, молејќи го Бога за душите на нашите деца, за нивните семејства и за народот на Македонија!“, напиша Папазов на својот фејсбук профил.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ