недела, 11 мај 2025

Градоначалникот на Дојран не ги признава фотографиите на МКД.мк за мртвите риби по брегот на Дојранското Езеро

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, ги демантира вчерашните информации на МКД.мк дека на брегот на Дојранскотo Езеро, на потегот од Нов до Стар Дојран, се појавила бела пена, мртви риби и ракови. Според него, не станува збор за некаков еколошки инцидент, туку секоја година, пред почетокот на сезоната, се појавуваат такви дезинформации за да му се наштети на Дојран.

Објавено на

часот

Сподели

Фотографиите кои вчера ги објави МКД.мк се направени вчера на потегот меѓу Нов и Стар Дојран

„Во овој период рибата се мрести и примероци од неа, кои не можат да се измрестат, едоноставно угинуваат, односно пукаат, бидејќи не можат да ја исфрлат икрата. Квалитетот на водата постојано се испитува и е со добар квалитет, а со изградбата на Пречистителната станица, која набргу ќе ја пуштиме во употреба, квалитетот на водата во Езерото ќе биде уште подобар“, изјави за МИА Ангов.

„Според жители на Дојран, кои се занимаваат со риболов, угинатата риба е од видот караш и тоа се случува секоја година примероци од неа да завршат на брегот заради немоќност да ја исфрлат икрата, заради повреди нанесени од птици или пак од раните кои една со други си ги нанесуваат во фазата на мрестот. Тоа не се случува со другите видови риба, туку само со карашот, кој не е автохтон за Дојранското Езеро, додека за појавата на бела пена на брегот велат дека таа се создава од брановите“, појасни Ангов.

Инаку, последните денови нивото на водата на езерото постајано се зголемува заради полнењето по природен пат и од хидросистемот „Ѓавато“. Според вчерашните мерења на УХМР нивото на водата е 52 сантиметри под договорениот минимум, што во споредба со декември лани е за 17 сантиметри повеќе.

Вчера редакцијата на МКД.мк цел ден се обидуваше да добие официјални информации од надлежните институции, но официјален одговр не добивме. Обидите за стручно толкување на овие фотографии продолжуваат.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ