понеделник, 8 декември 2025

Градоначалникот Куртовски потпишувал договори за градби во Маврово за време на локалните избори

Одлука за организирање на јавен увид на изработен урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за формирање градежни парцели, односно традиционални куќи за потребите на туризмот, донел градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски за време на локалните избори. Одлуката е донесена на 30 октомври годинава, по завршувањето на првиот круг кој се одржа на 19 октомври, кога веќе се знаеше дека нема да има втор круг во оваа општина.

Објавено на

часот

Сподели

Изборниот законик во членот 8 предвидува дека од денот на донесување на одлуката за распишување на изборите до конституирање на советот на општините и градот Скопје, не може да се потпишуваат договори.

Во периодот од октомври 2024 до февруари годинава, градоначалникот на Општина Маврово Ростуше, Медат Куртовски потпиша триесетина решенија за одобрување на изградба на викенд куќи, хостели, пансиони и згради со апартмани и студија апартмани, традиционални куќи за потребите на туризмот (селски, планински, езерски) околу Мавровското Езеро. Оваа негова одлука доаѓа и покрај донесеното решението (од мај 2024 година) на Уставниот суд за укинување на урбанистичките планови во овој регион.

Уставниот суд ги укина урбанистичките планови на општините Маврови Анови и Маврово и Ростуше донесени во 2001 односно 2015 година.

Ова значи дека двете општини отсега па натаму нема да смеат да издаваат одобренија за градба областите во општините што се опфатени со укинатите одлуки.

Со ваквата одлука, се потврдија сомнежите на Уставниот суд искажани во јануари годинава, дека двата оспорени урбанистички планови не можеле да бидат усвоени затоа што или ја немале целосната потребна документација што ја издаваат надлежни институции или издадените согласности од институциите не биле во согласност со Уставот и законите.

„Судот во оваа фаза од постапката меѓу другото изрази сомнеж дека Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никифорово и Анови објавена во 2001 година во моментот на донесувањето ја немало потребната согласност од Министерството за транспорт, туку истата е прибавена три месеци подоцна. Во однос на Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Маврово донесена во 2015 година, Судот исто така изрази сомнеж дали мислењата кои се прибавени од надлежните органи се во согласност со Законот за градење, Законот за заштита на води и Законот за заштита на природата кои тогаш биле во важност“, објаснија тогаш од Уставниот суд.

Што се однесува до првата одлука, Судот утврди дека оспорениот урбанистички план усвоен од Советот на поранешната општина Маврови Анови е донесен без согласност од Министерството за транспорт и врски затоа што урбанистичкиот план за село Леуново е донесен на 19 јули 2001 година, а министерството согласноста ја издало три месеци подоцна односно на 8 октомври 2001 година.

„По однос на второоспорената одлука за усвојување на УДНМ за село Леуново, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена без согласност од надлежното министерство, односно Согласноста е дадена по донесување на оспорената одлука. Судот при уставно-судската анализа го имаше во вид и Законот за заштита на природата, како и конкретни одредби од истиот, а во корелација со Законот за градење и Законот за водите, како и Одлуката со која Маврово има правен статус на национален парк“, пишува меѓу другото во Одлуката на Уставниот суд.

Што се однесува до урбанистичкиот план од 2015 година донесен од Советот на општина Маврово и Ростуше, од Судот велат дека од доставената документација и утврдената фактичка состојба произлегува дека планот е донесен со почитување на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, но по однос на дејствијата преземени во конкретните фази на постапката Судот утврдил дека дадените согласности од надлежните институции не се во согласност со одредбите од Законот за градење, Законот за водите и Законот за заштита на природата.

На Уставниот суд му требаше две години за одлучи по иницијативата на адвокатот Драган Пешевски дали двата спорни урбанистички планови се во согласност со Уставот и законите. Од судот не кажуваат зошто им биле потребни две години, но МКД.мк дознава дека причините се недоволниот број судии во минатото и тоа што Уставниот суд не можел да ја прибави потребната документација затоа што општина Маврово и Ростуше ја немало.

Уставниот суд пет пати интервенирал до општината Маврово и Ростуше, но ниту тогаш немало ефект. Затоа Судот во септември минатата година ја пријавил општината до Државниот инспекторат за локална самоуправа. Откако и понатака немало реакција Уставниот суд, во октомври 2023 година се обратил до Антикорупциската комисија.

Освен двата урбанистички планови, Пешевски пред Уставниот суд ја оспори и одлуката на Општина Маврово и Ростуше со која општината на хотел Радика му го отстапува водоводот на стопанисување, водовод од кој хотелот во Леуново се снабдува со вода.

МКД.мк веќе неколку години наназад пишува за уништувањето на Националниот парк Маврово преку незаконска и неконтролирана градба.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ