среда, 10 декември 2025

Градоначалникот Ѓорѓиевски за 2026 вети 80 нови електрични автобуси за Скопје

Советот на Град Скопје денеска ја одржа 3. седница посветена на советнички прашања до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и директорите на скопските јавни претпријатија, на која советниците поставија низа прашања поврзани со сообраќајот, јавниот превоз, финансирањето и работењето на јавните претпријатија, како и со исполнувањето на обврските кон нив.

Објавено на

часот

Сподели

Советниците побараа информации за заостанати плаќања во „Комунална хигиена“, долгот на Општина Кисела Вода кон ЈП „Лајка“, проблеми со чистотата и сообраќајните решенија во повеќе делови од градот. Прашања беа упатени и за модернизацијата на јавниот превоз и намалувањето на старите автобуси.

На седницата, меѓудругото, беа побарани одговори од Ѓорѓиевски за состојбата со сообраќајните раскрсници на улиците „Павел Шатев“ и „Фредерик Шопен“ кај Симпо, Црниче, како и на улицата „Востаничка“.

Како што беше посочено од страна на дел од советниците на Левица, граѓани иницирале барање за сообраќајно решение, меѓу кои поставување сигнализација, семафори или „лежечки полицајци“. Тие побараа и одговори од Ѓорѓиевски зошто, и покрај ребалансот на буџетот и доделените дополнителни средства за „Комунална хигиена“, повторно доцни исплатата на платите и регресот.

Прашања беа поставени и за модернизацијата на јавниот превоз, намалувањето на старите автобуси кои загадуваат, бројот на инспектори за контроли на нелегални горења, транспарентноста при именувањето директори во јавните претпријатија, како и за финансирањето на проектите во Сарај и Чаир, вклучително и улицата „Цветан Димов“ и обиколницата во Сарај.

Во врска со модернизацијата на јавниот превоз, Ѓорѓиевски најави дека очекува за скоро време да биде распишана тендерската постапка за набавка на 80 електрични автобуси.

„Јас претпоставувам дека се однесува на модернизацијата на превозот, бидејќи прашавте. Од тоа што сме постојано информирани, но и целата јавност, знаете дека беше распишана тендерска постапка која пропадна, и верувам дека многу брзо ќе биде повторно распишана од страна на Владата, и дека наредната година ќе добиеме 80 нови електрични автобуси, кои секако ќе влијаат на подобрување на амбиенталниот воздух во главниот град. Земајќи предвид што премиерот досега реализирал, особено ако го знаете тоа добро, верувам дека наредната година граѓаните на Град Скопје конечно, по многу години, ќе добијат соодветен градски превоз“, рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека е потребно системско решение за јавните претпријатија.

„Не треба да чекаме милостина, како што било случај во минатото, туку да создадеме систем во кој самите ќе можеме да напредуваме со состојбите во јавните претпријатија. Ќе дадам сè од себе за тоа да го направиме“, рече Ѓорѓиевски.

Во однос на инспекциите, градоначалникот најави иницијатива за зголемување на бројот на инспектори за животна средина.

„Бројката што ја имаме е мала, но тоа не значи дека не постапуваме. Контролите се вршат редовно, во индустриски капацитети и домаќинства. Ќе продолжиме во таа насока, но ни требаат дополнителни инспектори“, вели Ѓорѓиевски.

Toj вети дека сите средни училишта во Скопје ќе добијат фотоволтаици.
„Почнуваме со целосна енергетска трансформација на образовните институции. Секое средно училиште на територијата на градот ќе добие сопствен фотоволтаичен систем до крајот на мојот мандат. Ова е сериозна економска мерка која ќе значи над 30% намалување на трошоците за електрична енергија. Токму овој модел успешно го воспоставивме во сите основни училишта во Кисела Вода, а сега го пренесуваме на ниво на цел град. Фотоволтаиците се најчистиот и најисплатлив извор на енергија.
Тие обезбедуваат стабилност, намалување на зависноста од традиционални извори и одговорно управување со јавните средства. Со оваа инвестиција создадаваме современи училишта кои произведуваат чиста енергија и ги учат младите на вистинските вредности, на одржливост, иновација и грижа за средината“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ