понеделник, 8 декември 2025
Локални избори 2025

Градоначалниците на Илинден, Гази Баба, Делчево и Прилеп стапија на должност, во Струмица конституиран Советот на општината

Општинската изборна комисија, денес, официјално му го врачи уверението за вториот мандат на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски. Според конечните резултати, на осмите локални избори, што се одржаа на 19 октомври 2025 година, уште во првиот круг, тој ја обезбеди довербата на граѓаните да ја води Општина Илинден и во наредните четири години, се вели во соопштението од Општина Илинден.

Објавено на

часот

Сподели

Уверението за избран градоначалник на Општина Илинден, на градоначалникот Александар Георгиевски, му го врачи претседателот на Општинската изборна комисија, Гоце Крстевски, на пригодна свеченост што се одржа во конференциската сала на Домот на култура „Илинден“.

Уверенијата за избрани советници на Советот на Општина Илинден, ги примија и новите петнаесет советници, од кои 11 се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и по еден советник од СДСМ и коалицијата, Левица, ВМРО-Народна, и Движењето ЗНАМ.

Бобан Стефковски преку својот профил на Фејсбук соопшти дека денеска Општинската изборна комисија Гази Баба му го врачила уверението за неговиот избор за градоначалник на Општина Гази Баба во втор мандат.

„Од срце им се заблагодарувам на сите граѓани на Општина Гази Баба за укажаната доверба, поддршка и верба во заедничката визија за поубава и посилна Гази Баба. Вие сте мојата најголема мотивација и причина да продолжам со уште поголем елан и посветеност!“, напиша Стефковски.

Тој упати честитки до претседателката и членовите на Општинската изборна комисија Гази Баба за професионално и успешно спроведениот изборен процес за избор на градоначалник и членови на Советот на општината.

„Во наредниот период, ќе продолжиме со реализација на започнатите проекти, со нови идеи и решенија кои ќе го подобрат животот на секој жител – во секое населено место низ Општина Гази Баба. Заедно продолжуваме напред за модерна, чиста и обединета Гази Баба!“ посочува Стефковски во објавата.

Денеска и во просториите на Општина Делчево се одржа официјалното примопредавање на градоначалничката функција помеѓу досегашниот градоначалник, Горан Трајковски и новоизбраниот градоначалник, Иван Гоцевски.

Примопредавањето се одржа во достоинствена атмосфера во која се разговараше за актуелните и идните проекти, а двајцата градоначалници го потврдија значењето на континуитетот, одговорноста и посветеноста во служба на граѓаните. При тоа беа потпишани записниците за примопредавање, со што новиот градоначалник официјално ја презеде функцијата и одговорноста за раководење со Општината.

Досегашниот градоначалник Трајковски му посака успешна работа на новиот градоначалник Гоцевски, изразувајќи благодарност за соработката со општинската администрација во изминатиот период.

„Сакам јавно да му честитам на новоизбраниот градоначалник и на новиот состав на Советот и им посакувам успешна работа и реализација на многу проекти кои ќе значат развој на Делчево, со што ќе остават свој белег на градот“, изјави Трајковски.

Новиот градоначалник Иван Гоцевски изрази благодарност за досегашниот ангажман на Трајковски, како и за големата поддршка и доверба од граѓаните, најавувајќи напорна работа, отчетност и максимално вложување во интерес на Делчево.

„Функцијата градоначалник бара многу одговорност, моралност и етичност во работата, но и експедитивност во решавањето на приоритетите на граѓаните. Како што изјавував и во кампањата, јас како човек од народот ќе бидам постојано на терен – со сите граѓани, од Разловци, преку Делчево, до Бигла и Илиово. Секојдневно ќе бидам во тек со потребите на сите граѓани и со отворен и искрен пристап ќе работиме заедно за Делчево да биде урбана средина во која живеат среќни луѓе. На почетокот најавувам дека ќе ја отвориме Општината за сите, ќе ревидираме сè, ќе ги дозавршиме започнатите проекти, а паралелно ќе создаваме нови – согласно програмата. Продолжуваме со градежните работи за регулација на коритото на реката Габровчица и најавувам изградба на два кружни тека на транзитниот булевар“, нагласи Гоцевски.

По примопредавањето, градоначалникот Гоцевски оствари средба со вработените во Општина Делчево, при што им се заблагодари за нивната досегашна посветеност и ја истакна потребата од заедничка и успешна соработка во иднина.

На средбата, Гоцевски му врачи благодарница на еден од најдобрите работници во ЈКП „Брегалница“, Горан Узунски, за неговата посветена работа, а воедно најави дека својата прва градоначалничка плата ќе ја донира токму на работникот Узунски.

На Локалните избори 2025 година, кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Гоцевски, победи во првиот изборен круг со освоени 5.187 гласа, наспроти кандидатот на коалицијата на СДСМ, Дејан Глинџарски, кој освои 1.765 гласа.

И Општинската изборна комисија во Прилеп денеска им ги врачи уверенијата на новоизбраниот градоначалник, Дејан Проданоски и на новите 27 советници. Проданоски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја доби довербата на прилепчани во првиот изборен круг, а во новиот општински совет ќе седнат 27 советници, од кои 17 од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, 6 од СДСМ и коалицијата, тројца советници се од Левица и еден од движењето ЗНАМ.

Новоизбраниот градоначалник, Дејан Проданоски, се надева дека резултати во наредните години ќе бидат подобри за граѓаните и за градот.

„Очекувајте многу работа и верувам дека новата локална самоуправа ќе направи сè само во интерес на прилепчани“, рече Проданоски.

Се изврши и формално примопредавање на должноста меѓу досегашниот градоначалник на Прилеп, Борче Јовчески и новоизбраниот Дејан Проданоски при што Јовчески посака успешна работа, и на новиот градоначалник и на новоизбраните 27 советници на советот на Прилеп.

Во Струмица пак, денеска беше одржана првата седница на новиот Совет на Општината, на која мнозинството советници за претседател го избраа Никола Маџунков од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

На седницата најпрво беше верификуван мандатот на советниците. Во новиот четиригодишен мандат мнозинството ќе го има ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата со 13 советници, СДСМ и коалицијата – 8 и по еден од ЗНАМ и Левица.

На конститутивната седница мандатот на членовите на Советот им го честиташе градоначалникот, Петар Јанков, кој им посака конструктивна и продуктивна работа.

„На новиот состав на Советот му посакувам успешна, одговорна и чесна работа. Очекувам во овој совет да нема поделби и опструкции, туку дијалог и почит. Вие и јас, како градоначалник сме избрани со иста цел, да ја направиме нашата општина подобро место за живеење. Граѓаните не очекуваат препукување, туку резултати“, им порача Јанков на членовите на Советот на Општина Струмица.

На денешната седница беа формирани и комисиите при Советот на Општина Струмица.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ