„За жал нашите овластувања се опструирани и нашата улога во сузбивање на прекршителите преку закон опструирани и направен е систем со многу администрирање и слаби ефекти. За жал поединци од советниците од овој состав во континуитет врз мене вршат притисок користејќи груби навреди и омаловажување и многу често пречекорувајќи ги своите овластувања како советник не само етички, човечки туку и законски. Врв на ароганцијата и безобразлукот на една советничка беше вчера која поднела пријава до архива во девет часот изутрина, а во 9:10 веќе на каубојски начин упадна во мојата канцеларија без никаква предходна најава и барање веднаш да и се даде информација“, тврди Андонов.
Тој појаснува дека е само еден градежен инспектор вработен во Општина карпош, а во работа има стотици предмети.
„Јас не сум виновен што тој што го пишувал законот ја растегнал процедурата до бесвест и овие исти советници не можат да разберат дека кога ќе добијам пријава јас сум должен во рок од 10 дена да излезам на терен, најчесто прекршителот не го наоѓам на лице место, барам контакт од истиот, телефон, седиште на фирма и адреса. Во голем број случаи иако комшиите пријавуваат не сакаат да дадат податоци за прекршителот. Кога ќе го пронајдам сторителот го повикувам кај мене да достави соодветна документација. Бидејќи нема одобрение за градба морам да изготвам записник. Овој записник морам да му го доставам во писмена форма, ги повикувам и телефонски но тие знаат зошто треба да дојде и најчесто не доаѓа, потоа испраќам препорачано писмо кое во 50 отсто од случаите се враќаат со образложение дека не можат да ја најдат странката или истото не го подигнал. Доколку овој документ го доставам лицето има право на приговор, ако е основан го прифаќам или отфрлам и носам нов акт опомена која повторно прекршителот треба да ја прими и мора да се помине низ истата голгота. Доколку нема одговор на тоа правам контролен записник и за тоа мора да има доказ дека доставата е извршена согласно закон . Доколку со контролниот записник се констатира дека објектот не е отстранет носиме решение за отстранување. И нормално мора решението правното или физичкото лице да го прими доколку тоа не се случи морам повторно да се обидам преку кој друг, ако не преку поштата. Се случува да одам лично на врата и да не ми отворат врата. Доколку ја завршиме до овде постапката издавам налог за уривање за кој законот наложува задолжително странката да го има примено и затоа мора да има доказ во спротивно МВР не дозволува асистенција“, вели Андонов.
Тој тврди дека речи си сите прекршители поднесуваат жалби, наоѓаат врски и надлежните институции го враќаат предметот на повторна постапка.
„И се мораме да направиме од почеток. Затоа јавно прашувам како јас како градежен инспектор да бидам ефикасен на толку многу прекршители со толку сложена постапка и со ужасно неефикасни други институции, а да не зборувам за притисоците, уцените и заканите кон мене и моето семејство. Трпам притисоци и закани од странки, но овие четири години е неподнослива ароганцијата, безобразлукот и притисоците што врз мене го вршат одредени советници. За нив не важи никакво објаснување. Ако сакате ефикасна инспекција обратете се кај министерот за транспорт и врски нека го смени законот, нека ја скрати постапката, нека ни ги зголеми овластувањата и нека го зголеми бројот на инспектори. Жал ми е што некои советници 48 месеци земаат по 500 евра месечен паушал од општината и не се потрудија нешто да научат, ниту закон ниту пак да научат како пристојно да се однесуваат. За жал мандатот им заврши во ароганција со обиди за себе промовирање, создавање хистерија кај граѓаните и притисок врз мене и останатите во општината, но нема повеќе да ги трпиме“, дециден е Андонов.






