недела, 7 декември 2025
Воведни говори на одбраната во постапката за трагедијата во Кочани

Градежен инспектор обвинет во „Пулс“ си го бара мобилниот: Плаќам сметка, а немам мобилен, ми го земаа обвинителите

Градежниот инспектор Огњан Георгиев кој е обвинет во постапката за големата трагедија во „Пулс“ денес во судница си го побара мобилниот телефон кој му бил одземен во текот на истражната постапка. Тој пред судот рече дека сметка за мобилен плаќа, а мобилен телефон нема.

Објавено на

часот

Сподели

„Барам од обвинителите да ми го вратат мобилниот телефон кој ми го одземаа. Во него нема ништо од докази, тоа ви тврдам и затоа сакам да ми се врати телефонот. Јас го плаќам, а го немам. Проверено е, во него нема никакви комуникации кои се поврзани со овој предмет“, рече пред судот Георгиев.

И тој како и останатите, за оваа постапка рече дека не се чувствува виновен за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.

Според обвинителниот акт, обвинетиот Георгиев заедно со уште двајца градежни инспектори во општина Кочани, од 2005 до 2024 како службени лица, можеле, но не извршиле контрола за да утврдат дека во дискотеката „Пулс“ се врши угостителска дејност, иако тоа не било предвидено сп деталниот урбанистички план на општина Кочани.

Адвокатите на тројцата градежни инспектори, обвинетите Огњан Георгиев, Николчо Гоцев и Љупчо Стаменков во денешните воведни говори тврдат дека нивните клиенти не се виновни за пожарот во „Пулс“, бидејќи тие немале никаков налог за да извршат контроли во овој објект.

Јован Танчев од Кочани кој го застапува обвинетиот Љупчо Стаменков, вели дека градежно вештачење кое ќе го понудат пред судот, ќе даде одговор на повеќе решителни факти, а особено дали има промени во габаритот на објектот, како и дали била вржена пренамена, а како што рече ќе дадат одговор на прашањата кои институции се надлежни, како и дали овие градежни активности влијаеле на настанување на овој пожар.

Обвинетиот Николчо Гоцев, пред судот рече дека со отворено срце ќе ја бара вистината, но е обвинет за нешто што ниту го сторил, ниту имал надлежност за истото.

„По пожарот отидов во болницата, со полицијата, со армијата, помагавме цела ноќ и сите ја делиме истата болка и тоа е момент што не можам да го заборавам. По ова помагање, ми се јавија обвинителите и отидов да направам увид во местото. Сите потврдуваат дека пожарот избувнал од пиротехнички средства и само тоа има правна тежина. Никој од нас не контролира пиротехника. Дискотеката постои 7 години пред јас да се вработам. Од моето вработување до денес имам многу сериозни хируршки интервенции и сум онколошки пациент. За периодот за кој сум обвинет имам отворени многу боледувања за кои имам медицинска документација. За „Пулс“ немаше никаква пријава или сомнеж дека требало да направам инспекциски надзор. Без писмен налог не сум можел да направам инспекциски надзор. Ако сум направел, ќе сум добиел кривична пријава“, рече пред судот обвинетиот градежен инспектор Гоцев.

Тој додаде дека по пожарот во „Пулс“ биле направени инспекциски надзори со кои е утврдено дека речиси ниту една дискотека не ги исполнува условите за работа, а никој не е уапсен за тоа.

Во продолжение на постапката воведни говори пред судот треба да дадат адвокатите на тројцата поранешни градоначалници на Кочани, обвинетите Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов.

На 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Судењето е во тек.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ