Според кабинетот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, „Градската стратегија за безбеден сообраќај“ ќе ги инкорпорира насоките од проектот ВИЗИЈА 0 кој е клучна рамка за намалување на сообраќајните незгоди, со цел да се подобрат безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот, преку повеќегодишни планови и програми 2026-2030, во согласност со меѓународните стандарди.
„Клучна цел на стратегијата ќе биде намалување на бројот на жртви и тешки повреди во сообраќајот, а визијата ќе биде нула деца жртви во сообраќајот. Стратегијата и плановите ќе вклучуваат мерки за подобрување на инфраструктурата, образованието, контролата и истражувањето на незгоди. Ќе се дефинираат на повеќе години, со конкретни активности и цели за секој период. Постојано ќе се работи на унапредување на безбедноста во сите аспекти, од возачи до патишта и возила“, велат од Град Скопје.
Претседателот на Советот Даме Димитровски смета дека здравјето и животот на скопјани се врвен приоритет на градската управа.
„Во поставување на темелната политика за безбеден сообраќај ќе ги подобриме условите на најранливите групи. Како град Скопје, ќе вложиме во политики и инфраструктурни мерки за побезбеден сообраќај. Спасувањето на животи во несреќа е херојско дело, но наша задача е да работиме паметно и да вложиме во превенција. Стратегијата ќе има посебно внимание кон програмата Сејф ту скул со која ќе им се овозможи на децата безбеден пат од дома до училиште или културните и спортски установи на градот“, вели Димитровски.
Од Град Скопје велат дека советниците имаат отворена покана да се вклучат како активни чинители во конструктивни решенија на проблемите на скопјани.
Советничката Јана Белчева вели дека Независни заедно припремиле низа на предлози кои се однесуваат на сообраќајната безбедност, особено фокусирајќи се на најранливите учесници во сообраќајот, пешаците и велосипедистите.
„Проблемот најмногу го чувствуваат сите жители на градот, а Скопје има лоши показатели и на низа регионални и европски анализи. До сега, иако постојат студии, стратегии и акциски планови, жртвите растат, а решенијата се парцијални и не се започнати системски и координирана активности, кои ќе придонесат кон Визија 0 жртви во сообраќајот. Задоволни сме што нашите барања и предлози и се препознаени и се поклопуваат со предлозите од градоначалникот, претседателот на Советот и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ со што е обезбедено да се вградат во новиот буџет за 2026. Од сега ќе се фокусираме и ќе ја следиме реализацијата“, вели Белчева.






