Од Град Скопје потсетуваат дека јавен повик за подмирување на заостанати долгови по основ на данок на имот, данок на промет, наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина беше објавен на 9 декември 2025 година.
Според податоците заклучно со 23 јануари 2026 година, вкупно 830 даночни обврзници ги платиле заостанатите обврски во износ од 20.107.103 денари.
Во рамките на започнатата постапка за присилна наплата утврдено е дека 37.655 физички лица и 1.926 правни лица не го подмириле долгот за данок на имот за 2021 година. Вкупниот износ на неплатените обврски изнесува 148.466.661 денари.
Од Град Скопје информираат дека за 16.372 даночни обврзници веќе се изготвени и доставени решенија за забрана на средства до деловните банки, а останатите 23.209 решенија ќе им бидат доставени до крајот на тековната недела.
Град Скопје упати повик до сите граѓани и правни лица кои сè уште имаат неплатени обврски по основ на данок на имот и комунални такси да ги подмират во најкраток можен рок, бидејќи постапката за присилна наплата ќе продолжи кон сите должници.
Граѓаните можат да извршат увид во својата даночна состојба преку електронскиот портал на Град Скопје, каде што е овозможено и електронско плаќање.
Од Градот изразуваат благодарност до сите кои навремено ги подмируваат своите обврски и на тој начин придонесуваат за подобри услуги и развој на градот, дополнувајќи дека ќе продолжат да работат транспарентно и отчетно во интерес на граѓаните.






