Според одлуката, право на оваа помош имаат лица со живеалиште на подрачјето на градот, односно во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари.
За остварување на правото, потребно е да се достави барање заедно со целокупната документација, меѓу која копија од лична карта, документ од надлежен орган што ја потврдува дијагнозата, трансакциска сметка на барателот и потврда дека лицето спаѓа во категоријата онколошки пациент. Документацијата не смее да биде постара од шест месеци од поставување на дијагнозата.
Барањата се поднесуваат преку Архивата на Град Скопје, во затворен плик со назнака „Сектор за јавни дејности – Комисија за доделување еднократна финансиска помош за онколошки пациенти“.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил истакна дека оваа мерка е симбол на солидарност и поддршка.
„Ова е порака дека никој не е сам. Дека зад секоја борба стои некој кој верува, сочувствува и помага. Дека и во најтешките денови постои рака што ќе ве поддржи и надеж што не згаснува“, напиша градоначалникот.






