Во соопштението од Градот се вели дека сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски е под притисокот од ВМРО-ДПМНЕ да престане со испорака на нафта за намерно да се создаде повторно хаос во градот со немање автобуси.
„Иако има активен договор со ЈСП за испорака на нафта, Асмир Јахоски од ‘Пуцко петрол‘, соочен со обвиненија затворска казна и подложен на уцени ја прекина доставата.Истото уценетиот го направи и за предновогодишните празници, ги остава граѓаните да чекаат на ладно во зима и на жега во лето само да се задоволат суетните лидери. Граѓаните немаат трпение повеќе за политичките игри за предизборен дефокус на ВМРО, Управниот одбор на ЈСП кој го води ВМРО и Мицкоски заедно со Јахоски, кои сакаат да дефокусираат од штетата која му ја предизвикаа на ЈСП и Скопје во изминатите 4 години“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Од Град Скопје велат дека ќе покренат соодветна постапка за материјална и кривична одговорност, кои произлегуваат како последица од непочитување на договорот за снабдување на ЈСП со нафта со што имаат цел автобусите на ЈСП да престанат да сообраќаат.
Според Град Скопје, ова не е првпат „Пуцко петрол“ да ја прекине испораката, што се случило и пред новогодишните празници. Со тоа, тврдат од Градот, граѓаните се оставени да чекаат на студ или на жега, само за да се задоволат „суетните лидери од кои очекуваат спас од сургун за своите недела уценетите црнолисташи“.
Во соопштението се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ, преку својот Управен одбор во ЈСП „Скопје“, и Христијан Мицкоски заедно со Јахоски, сакаат да ја дефокусираат јавноста од штетата која, според нив, е нанесена на претпријатието и на градот во изминатите четири години.
Градот Скопје нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ спречило набавка на нови автобуси и не гласало за бесплатен јавен превоз.
Од Град Скопје порачуваат дека нема да дозволат „идиотските криминогени постапки на уценети бизнисмени“ да им наштетат на граѓаните.
По изнесените обвинувања за прекинатото снабдување со нафта на ЈСП Скопје, од „Пуцко петрол“ испратија реакција во која бараат јавно извинување од медиумите за објавеното соопштение од Град Скопје.
„Во конкретниот случај воопшто не е ниту споменат фактот за огромниот долг на ЈСП кон нашата компанија, што надминува и над 10 милиони евра по фактури стари и над две години, што претставува значаен елемент и заслужува внимание при известувањето на оваа тема“, се вели во реакцијата од „Пуцко петрол“.
Од „Пуцко петрол“ се загрижени и разочарани од медиумите кои го објавиле соопштението на Град Скопје, сметајќи дека со тоа е нарушен угледот, реномето и деловниот интегритет на компанија.
„Нецелосната и тенденциозна содржина во текстот води кон погрешно информирање на јавноста, што предизвика директна штета врз нашата репутација и деловни односи“,се вели во реакцијата испратена до медиумите.
Во таа насока, од компанијата бараат јавно извинување од медиумите оти објавените информации не ја отсликуваат реалната состојба и можат да доведат до погрешна перцепција за компанијата.
„Потребно е секогаш да се обезбедат точни и вистините информации. Во конкретниот случај воопшто не е ниту споменат фактот за огромниот долг на ЈСП кон нашата компанија што надминува и над 10 милиони евра по фактури стари и над две години, што претставува значаен елемент и заслужува внимание при известувањето на оваа тема“, наведуваат од „Пуцко петрол“.
Според компанија, секоја институција што ги подмирува навремено своите обврски, без исклучок добива гориво согласно договорените услови.
„Нашето работење е транспарентно, законски усогласено и ориентирано кон стабилност и доверба во деловните односи“, реагираат од компанијата.






