„Денес сме во Ѓорче Петров, една од општините која секојдневно го носи товарот на голем сообраќаен метеж. Токму затоа, на една од најкритичните точки, крстосницата меѓу улицата ‘Ѓорче Петров’ и булеварот ‘Македонска војска’, започнуваме со проект кој ќе значи вистинска промена: изградба на модерен кружен тек што ќе донесе повеќе безбедност, помалку метеж и подобра мобилност за целиот западен дел на градот.
Оваа инвестиција е многу повеќе од градежна интервенција. Таа значи подобар квалитет на живот, побезбедни улици и помалку изгубено време во колони. Таа е доказ дека секој дел од градот заслужува внимание и современи решенија. Но таа е само дел од поширокиот концепт што го реализираме низ цело Скопје. Планираме мрежа на кружни текови кои го подобруваат протокот на возила, ја намалуваат брзината и ги штитат животите. Сето тоа е дел од нашата визија ‘нула несреќи’, преку која, планираме до 2030 година да редизајнираме 50 критични крстосници и улици по европски стандарди и да создадеме град во кој сите учесници во сообраќајот ќе се движат без страв и ќе се чувствуваат безбедно“, најави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека Ѓорче Петров ќе биде пример за тоа како со внимателно планирани и капитални вложувања може да се подобри секојдневното движење и квалитетот на живот. „Нашата програма предвидува неколку клучни инфраструктурни проекти кои ќе ја трансформираат мобилноста во овој дел од градот.
Ќе проектираме поврзување на улицата ‘Лука Геров’ со патот за ‘Економија’, што ќе го растовари сообраќајот, ќе осигура безбеден премин преку пругата и ќе ги поврзе населбите Даме Груев и Стопански Двор во функционална целина. Ова е инвестиција која отвора врата за економски развој, нови работни места и подобар јавен превоз.
Реконструкција на улица ‘101’ во Волково, која значи решавање на долгогодишен проблем. Волково конечно ќе добие улица по европски стандарди, со безбедни тротоари и модерна инфраструктура, достојна за граѓаните кои тука живеат.
Започнуваме со проектирање на улицата ‘Веле Марков’, како нова сообраќајна артерија што ќе се поврзе со булеварот ‘Македонска војска’. Овој проект е вистинска комуникациска врска што ќе го растовари локалниот метеж и ќе внесе нова динамика во секојдневното живеење.
Планираме и изградба на улицата ‘Шарпланинска’, според Генералниот урбанистички план, со модерна инфраструктура, одводнување, осветлување и зеленило. Со ова ќе се овозможи директно поврзување на населбата Даме Груев со главните сообраќајни коридори и ќе се подобри квалитетот на секојдневието во овој дел од градот“, ги наведе Ѓорѓиевски проектите планирани за општината Горче Петров.
Освен патната инфраструктура, во неговата програма е предвидено решавање на уште еден долгогодишен проблем: нов резервоар што ќе го реши слабиот притисок на водоводот во Ѓорче Петров. Со изградбата на нов резервоар и пумпна станица на Оризарски рид треба да се обезбеди стабилно и сигурно водоснабдување, што ќе биде решение што ќе служи и за генерациите кои доаѓаат.
Исто така, Ѓорче Петров ќе добие и нов современ објект за СУГС „Кочо Рацин“. Со поддршка од Владата се планира изградба на средно училиште што ќе ги следи европските стандарди.
„Почитувани, сите овие проекти не се само ветувања. Тие се нашата обврска и нашата визија – Скопје да стане град со модерен сообраќај, сигурна инфраструктура и еднаков пристап до квалитетен живот за сите граѓани, во сите општини, населби и населени места.
Ова е нашата визија: Скопје – не што дели, туку што спојува. Скопје – не што ветува, туку работи. Скопје – не што чека, туку се движи напред. И токму така ќе продолжиме. Со работа, со план и со љубов кон овој град“, порача Орце Ѓорѓиевски од „Горче Петров“.






