Таа појасни дека тоа што се случуваше во една недела е круна на еден процес кој траеше цела година, тоа е сложена операција, логистички, правно и во секојa смислa да се организира една таква сложена операција.
„Пред се започнавме со тоа што ја контактиравме Владата, без чија поддршка немаше да дојдеме до ова. Владата воспостави правна рамка за одржлив систем и сето тоа овозможи да започнеме една сложена процедура на подготовка, регрутација на пациенти кои имаат потреба од овој тип интервенција, да бидат проценети од офталмолозите, потоа тие пациенти ги ставивме на национална листа за чекање за трансплантација, потоа Kлиниката ги набави очните инструменти, неопходни за овој тип интервенција. Заедно со Клиниката за очни болести воспоставивме партнерски однос со Универзитетската клиника „Дјук“ од САД на наша иницијатива“, појасни проф. д-р Кузмановска.
За луѓе кои имаат сериозно оштетување на видот, заради неповратно оштетување на рожницата, единствен лек е трансплантацијата, што значи да се стави рожница од друг човек. Кај пациентите изненадувачки брзо се враќа видот.
„Благодарно е да ги видите пациентите да можат да ја видат убавината на светот, да си ги видат своите блиски, да може да читаат што е многу важно, да бидат независни и да го видат изгрејсонцето и зајдисонцето“, заклучи таа, додавајќи дека е воспоставен темел, имаме тим од доктори едуцирани кои ќе направат оваа метода да продолжи, зашто континуитетот и одржливоста на методата се најважни за методата.






