Тимот експерти од Министерството за одбрана, предводен од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова ќе информира за споделувањето на товарот кое ги вклучува и инвестициите во одбраната.
Од Министерството потсетуваат дека согласно заложбата за инвестирање во одбраната, усвоена на самитот во Вилнус во 2023 година, а реафирмирана на самитот во Вашингтон минатата година, земјава издвојува 2 проценти од бруто домашниот производ за одбраната, односно 329 милиони евра, од кои над 32 проценти се наменети за опремување и модернизација на македонската армија.
„Пред НАТО-тимот ќе биде потврдена заложбата на Министерството и на државата за континуирани реформи и развој на одбранбените способности во служба на националната и колективната одбрана во НАТО“, велат од МО.
Билатералните одбранбени разговори со Алијансата, додаваат, се реализираат секоја година во рамките на НАТО-процесот на одбранбено планирање. Процесот на спроведување на одбранбените реформи, плановите за иден развој, како и постигнатото ниво во развојот на одбранбените способности се евалуираат преку повеќе области.






