Конференцијата низ годините прерасна во традиционално и најзначајно годишно собирање на финансиската заедница во земјава и регионот. Таа претставува платформа за размена на идеи, искуства и визии за тоа како да се унапреди пазарот на капитал, како да се зголеми неговата улога во економскиот развој и како да се поттикне довербата кај инвеститорите и компаниите.
Конференцијата беше отворена со обраќања на Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза, кој ја нагласи важноста на берзанските конференции како место за размена на знаење и идеи, по што следуваа поздравните говори на Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии, и Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност.
Во рамки на специјалните говори, Трајко Славески, гувернерот на Народната банка на Република Македонија, зборуваше за предизвиците на монетарната политика во услови на зголемена неизвесност, додека Блаж Бродњак, извршен директор на НЛБ Љубљана, во онлајн излагање зборуваше за потребата од подлабока интеграција на земјите од Југоисточна Европа.
Првиот конференциски ден беше посветен на прашањето за ИПО (IPO) – да се прави или не? Претставникот на ЕБРД, Атила Тот ја презентираше поддршката на оваа институција за домашните компании кои сакаат да излезат на берза, а Дарко Перушески, сосопственик и извршен директор на СВОД Мастер АД (Gley), го сподели искуството од нивниот обид за ИПО (IPO). Дискусијата продолжи на панелот „Некој, на берза…“, каде што своите ставови ги изнесоа Златица Цивкароски од Шпаркасе Банка, Зоран Мартиновски од Прајм блу институт, адвокатот Кристијан Поленак, Христијан Ковачевски од Унипласт и Ирина Аврамска од Финовате MK, под модераторство на Каролина Каровска Божиноска од Македонска берза. Во овој блок се вклучи и Даме Цветковски, извршен директор на Неотел, кој говореше за развојните перспективи на компанијата во контекст на берзанското финансирање.
Темата потоа се префрли на берзанско-фондовските приказни, каде што преку интервју на бина, новинарот Горан Теменугов од подкастот „Каде се парите?“ разговараше со Иван Штериев за состојбите и предизвиците на Македонска берза. Штериев во рамките на ова интерјву потенцираше дека клучно е пазарот на капитал да се препознае како стратешка определба за целата економија, а не само за оние што работат на пазарот на капитал.
Панелот што следеше, посветен на приватните пензиски фондови и можноста да се воведат и мултифондовите, отвори многу прашања за иднината на пензискиот систем и пазарот на капитал. На оваа дискусија учествуваа Горан Мартиноски од КБ Прво пензиско друштво, Мациеј Битнер од Варшавската берза и Гордан Шумановиќ од Раифајзен пензиски фондови – Хрватска, а модератор беше Александра Томиќ од Блумберг Адриа. Во продолжение, Крешо Вугринчиќ, извршен директор на Интеркапитал ЕТФ зборуваше за улогата на ЕТФ-овите како локален и регионален развоен двигател.
Попладневниот дел од првиот ден започна со видеообраќање на Блаж Хрибар од Покојнинска дружба А – Словенија, кој се осврна на идните глобални пазарни трендови. Потоа, Хусеиин Еркан, поранешен директор на Истанбулската берза и Светската федерација на берзи, дискутираше за значењето на малите берзи на пазарите во појавување. Денот заврши со комерцијална презентација на Илијанчо Гаговски, коосновач на Фрелдгеворкс кој ја претстави нивната ХР- платформа.
Вториот ден започна со панелот „Пред и после 2025-та – влијанието на ажурираните стандарди за финансиско известување“, во коорганизација на ИСОС. На оваа тема дебатираа Драган Давитков од PwC, Драган Димитров од БДО Македонија, Горан Тиловски од Македонски Телеком и Коста Костадиновски, основач на Капитал Ассет Менаџмент, а модераторка беше Весна Прентоска, претседател на Институтот на сметководители и овластени сметководители. Потоа, Филомена Пљаковска Аспровска, претседател на Управен одбор на КаСис (CaSys), зборуваше за трендовите во дигиталната трансформација.
Агендата продолжи со разговорот „покрај оган“ меѓу Даринка Дамјановиќ, извршен директор на ЦДХВ, и Даниел Ленардиќ од КПМГ Кроација, посветен на стратешките предизвици на Централниот депозитар за хартии од вредност. Конференцијата заврши со панелот „Добри практики за корпоративно управување – норматива v.s. пракса“, на кој учествуваа Орде Ѓорѓиоски од Витаминка АД Прилеп, Горазд Поповски од Стопанска банка Скопје и Тихомир Касапинов од Винарска Визба Тиквеш, под модераторство на Зорица Асенова, главен правен советник на Македонска берза.
Спонзори на конференцијата беа КБ Прво Пензиско друштво (како сребрен спонзор) и НЛБ, Шпаркасе и Комерцијална банка, ЦДХВ, Касис интернешенел (Casys International) и Неотел (како останати спонзори). Медиумски покровители годинава беа Телма Телевизија, Пари, Капитал и Банкарство, а поддржувачи на конференцијата Винаријата Тиквеш, Бучен Козјак, ИУТЕ и Флегдеворкс.






