По седум години бизнисменот до детали се сети се денот, часот, датумот и годината на неговото приведување, но и на тоа дека обвинителката Стефанова е таа која постапувала по неговиот предмет во периодот кога се одлучувало за притворот.
„Пред повеќе од 2 месеци поднесов кривична пријава за рекетирање и за измислување на докази против мене за случајот ‘Поштенска банка’. На 13 октомври 2018 година во сабота во 5 часот наутро бев приведен, за потоа, истиот ден во 20 часот да бидам спроведен во суд каде дојде обвинителката Лиле Стефанова со куп документи. Гледам има некоја изјава дека не постапувала воопшто по предмет во кој сум бил јас, но тоа е лага, бидејќи кога се одлучуваше за притворот против мене таа беше таму и таа постапуваше. Барањето за притвор беше отфрлено, а по ова обвинителката поднесе жалба која исто така беше отфрлена. Самите судии кои требаше да постапуваат во ‘Поштенска банка’ бараа изземање, а кога тоа им беше отфрлено кажаа дека ќе го водат предметот бидејќи мораат“, вели во изјавата бизнисменот Главчев.
Тој не откри детали за тоа како и колку пари му биле побарани, бидејќи како што изјави постапката е во предистрага која е тајна и ќе почека да го види исходот.
„Сакам да верувам дека е ова една сериозна предистрага и дека правда ќе има бидејќи страшно е со какви нешта се служеше бандата од СЈО. Случајот со ‘Поштенска банка’ заврши со запирање на постапката. Јас се надевам дека ова е едно поинакво време за разлика од тоа во кое постоеше СЈО и бандата, а се надевам и дека таа банда конечно ќе се распадне и нема повеќе да прави штети“, вели Главчев.
Во случајот „Поштенска банка“ тој беше обвинет заедно со други лица за перење на 5 милиони евра.
Во МВР Главчев поднел кривична пријава против Рустеми, Јанева и Стефанова.
Како што претходно објавивме, овој случај е сличен на Рекет, а во предистрагата се испитува и дали Бојан Јовановски Боки 13 е вмешан и овде и дали тој заедно со поранешните обвинители му барале пари на бизнисменот.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција неодамна ни потврдија дека се постапува по овој случај:
„Предметот за кој покажувате интерес е во предистражна постапка и по него постапува надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК. Во рамките на своите надлежности обвинителството ги презема сите неопходни дејствија за испитување на наводите содржани во изјавите на пријавителите. Со оглед на тајноста на предистражната постапка во моментов ОЈО ГОКК не е во можност да сподели повеќе детали“, одговорија за МКД.мк од ОЈО ГОКК.
Иако и првиот случајот го носи името „Рекет“ всушност Зоран Милески заедно со Бојан Јовановски или Боки 13 и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева беа обвинети за примање награда за противзаконито влијание. Јанева дополнително беше обвинета за злоупотреба на службената должност заради стекнување имотна корист, додека Јовановски беше обвинет и за перење пари и други приноси од казниво дело.
Откако ќе заврши предистражната постапка, според тоа дали и колку докази има, Обвинителството ќе носи одлука дали ќе се отвори истрага во која пријавените ќе добијат статус на осомничени лица во нова постапка за рекетирање.
К.Додевска






