За ова информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук, нагласувајќи дека Град Скопје заедно со инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спровел широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени биле повеќе од 20 казни.
„Како што најавив, така и постапуваме. Нема отстапки, нема компромиси со хаосот. Ги отстрануваме сите појави кои го узурпираат просторот што им припаѓа на скопјани, го попречуваат движењето и го нарушуваат јавниот ред. Скопје мора да биде град во кој владеат правила, а не самоволието. Вработените од ЈП ‘Градски паркинг’ ги отстрануваа неправилно паркираните возила долж улицата ‘пластичарска’. По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект. Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи“, истакна Ѓорѓиевски.
Нагласи дека Град Скопје и тој како градоначалник ќе продолжат бескомпромисно да се борат против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор.
„Овој град заслужува ред, а скопјани заслужуваат достоинствено, безбедно и уредено место за живеење. Редот е обврска. И ние ја исполнуваме“, додаде Ѓорѓиевски.






