„Денеска бев во посета на срцето на Скопје – Старата скопска чаршија. Место кое е полно историја, традиција и душа. Место каде секој камен раскажува приказна. Заедно со еснафот, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски и вредните занаетчии кои со генерации го чуваат духот на оваа културна ризница, разговаравме искрено за нивните предизвици“, објави Ѓорѓиевски на својата Фејсбук- страница.
Тој посочи дека на средбите со граѓаните бил информиран дека со години реагирале писмено до градската администрација, но нивниот глас ретко кога бил слушнат.
„Проблемите се многу – раскопаната калдрма, оставена од Водовод по санација на дефекти, не е убава слика пред очите на посетителите. А токму таа калдрма е законски заштитено културно наследство, симбол на автентичноста на чаршијата“, истакнува Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски наведува дека граѓаните бараат реконструкција и обновување на делови од чаршијата со почит кон традицијата, вградување подземни контејнери за почист и поуреден јавен простор и конечно, сериозен однос од градската власт кон ова национално богатство.
„Овие барања се праведни и оправдани и за мене ќе бидат приоритет! Чаршијата заслужува грижа. Скопје заслужува и ќе биде повторно достоинствен град – метропола со иднина, привлечна за посетителите, но и топол дом за граѓаните. Град кој зрачи со култура, ред и автентичност. Заедно ќе го направиме тоа возможно“, нашиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.






