„Остварив средба со дел од невладините организации и Здруженијата на граѓани од Скопје – луѓето кои најдобро ги познаваат потребите на нашиот град и секојдневните предизвици на скопјани. Разговаравме во отворена и позитивна атмосфера, со искрен муабет за проблемите од минатото, но уште поважно, со конкретни идеи и решенија за иднината“, напиша Ѓорѓиевски.
Врз основа на добрите европски практики, на средбата како што посочува Ѓорѓиевски, биле споделени значајни предлози во областа на животната средина, хигиената, социјалната заштита, културата, младите, за лицата со инвалидитет, ретки и хронични болести и многу повеќе.
„Секое нивно размислување внимателно го забележав и со гаранција ќе биде дел од мојата програма која заедно ќе ја пишуваме. Верувам дека вистинскиот пат е партнерски однос – заедничка работа, почит и визија за достоинствено Скопје. Во мене секогаш ќе имаат пријател и човек за искрена соработка“, вели Ѓорѓиевски.
Тој потенцира дека Скопје заслужува повеќе и дека заедно ќе го вратиме достоинството и ќе го изградиме какво што сите сакаме.

Ѓорѓиевски посочува дека еден од првите приоритети на градот Скопје ќе биде проширување на булеварот „Цветан Димов”, бидејќи секојдневно, повеќе од 100.000 граѓани ја користат оваа делница која ги поврзува Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Центар, но, како што додава, „за жал досега сите ветувања од поранешните градоначалници останаа само зборови“.
„По големата победа во октомври – со поддршка од сите наши сограѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи и други, една од првите задачи ќе биде токму оваа. Скопје заслужува безбеден и функционален булевар, а нашата цел е тоа да се постигне со сериозна работа и многу труд“, истакнува Ѓорѓиевски.
Со заложба за транспарентна и искрена соработка, тој порача дека секогаш ќе остане отворен за дијалог и иницијативи кои го подобруваат животот во градот.
„Свесни сме во каква состојба се наоѓа градот и затоа сме тука да ја направиме разликата, да ги ставиме во функција запоставените јавни претпријатија, да ја исчистиме депонијата во која се претвори, да го надминеме сообраќајниот хаос и да донесеме вистински решенија за безбеден, чист и достоинствен град“, нагласи Ѓорѓиевски.






