петок, 12 декември 2025

Ѓорѓиевски: Скопје испишува ново поглавје во историјата

Од денес, градот Скопје е слободен, отворен и достапен за сите! Во просториите на Град Скопје денес се изврши чинот на примопредавање на функцијата градоначалник. Од овој ден испишуваме ново поглавје во историјата на нашиот град. Поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање и тоа започнува веднаш, напиша вечерва градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил. Претходно денеска тој ја презеде функцијата градоначалник на Скопје од Данела Арсовска. Пред да ја преземе функцијата од Арсовка, Ѓорѓиевски утрото го прими уверението од Државната изборна комисија со што и официјално го започна својот четиригодишен мандат.

Објавено на

часот

Сподели

Ѓорѓиевски за вечерва во 20:30 часот најави дека започнува големата акција за чистење на Скопје.
„Во следните 72 часа ќе го исчистиме секој агол, секоја улица, секој запуштен простор. Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност ќе живеат во град достоен за нив. Тоа е она што го ветив пред вас и за што цврсто стојам! Ги отстранивме и рампите. Скопје повеќе нема да биде затворен град, сега е отворен и за медиумите и за сите граѓани! Најавувам и целосна ревизија на работата на градската администрација. Секој кој се огрешил – ќе одговара. Секој кој не ја извршувал својата работа, ќе си замине. Но, секој чесен, вреден и одговорен работник ќе биде награден и почитуван. Почитувани, време е да ставиме ред! Време е Скопје повторно да биде симбол на достоинство, ред и надеж. Скопје може подобро и тоа подобро, заедно го овозможуваме!“, напиша Ѓорѓиевски на фејсбук.
Претходно денеска тој ја презеде функцијата градоначалник на Скопје од Данела Арсовска.

Новиот градоначалник најави ребаланс на буџетот со кој ќе се предвидат нови проекти, но и завршување на веќе започнатите.

„Ќе спремаме брз ребаланс којшто ќе треба скоро да го донесеме. Ребаланс којшто ќе содржи нови проекти кои што ќе ги започнеме и ќе се фокусираат во градот Скопје, но и оние проекти кои што останале недовршени во изминатиот период. Ќе се фокусирам наредниот период да бидат конечно одблокирани и да имаат брз расплет, односно брза реализација. Како клучни моменти, булеварот Борис Трајковски, двата моста Пензионер – Љубљанска и Михајло Апостолски, генерално во Аеродром,“ нагласи Ѓорѓиевски.

Додаде дека е во комуникација со јавните претпријатија и дека веќе се преземаат чекори за нивно нормализирање.

„Во понеделникот имаше 16 исправни возила од Комунална хигиена, мислам дека до вечерва ќе успееме да имаме околу 40 возила на располагање. Дополнително ќе помогнат и колегите градоначалници од внатрешноста, ќе бидат вклучени цистерни за перење на улиците. После долго време ќе ги переме и улиците во главниот град, плоштадот ќе се пере вечерва, кејот сериозно ќе се чисти и ќе се пере, така што дел по дел ќе ги ревитализираме и јавните претпријатија, да ги доведеме во нормала“, истакна Ѓорѓиевски.

Во однос на состојбите во јавните претпријатија, тој најави ревизии и разрешувања.

„Веќе дадов насоки на дел од моите соработници кои што се во комуникација со директорите на јавните претпријатија, да се утврди дали сите оние кои што правеле злоупотреби на своите работни места, а биле платени од граѓаните, особено оние кои што не оделе на работа, а земале плата, да бидат отстранети уште денес. Без тактизирање и без разлика на тоа од која политичка партија, вера или нација доаѓаат. Апсолутно ќе следи ревизија за сите јавни претпријатија и ревизија ќе има во Градот Скопје“, рече тој.

Ѓорѓиевски се осврна и на својата средба со поранешната градоначалничка Данела Арсовска, која ја оцени како протоколарна.

„Ова беше протоколарна средба. Не гледав на часовникот, мислам дека многу помалку од еден час беше, после која имаше присуство и на нотар, за да го депонираме својот потпис и сè останато. Нормално е во примопредавање да имаме една протоколарна средба“, посочи Ѓорѓиевски.

Нагласи дека ќе биде одговорен за функционирањето на сите јавни претпријатија и нема да бара изговори за нивната работа.

„Јас нема да префрлам прст во некого и нема да барам изговор во нечија нефункционалност. Јас сум адресата која што ќе биде одговорна пред граѓаните наредните четири години. Ако граѓаните сметаат дека добро го водам градот – добро, ако сметаат дека не го водам добро, стојам позади тоа дека и градоначалникот има можност да биде одповикан од својата функција“, рече Ѓорѓиевски.

Во завршницата на своето обраќање тој порача дека градот од денес е отворен за сите граѓани.

„Овој град не е мој. Овој град не е на малкумина мои соработници. Овој град е на сите граѓани во градот Скопје и е отворен од денеска за сите“, порача новоизбраниот градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски. 

Пред да ја преземе функцијата од Арсовка, Ѓорѓиевски утрото го прими уверението од Државната изборна комисија со што и официјално го започна својот четиригодишен мандат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ