„Генерации деца израснаа без Луна парк и без вистинска, модерна Зоолошка градина. Не смееме да дозволиме тие да бидат само спомени на минатото. Време е новите генерации да растат со свои искуства, да креираат свои убави спомени. Скопје мора повторно да стане град во кој детството има свое место, своја радост и свој дом.
И токму затоа, сакам да најавам дека по многугодишно одолговлекување и празни ветувања, ние ќе започнеме со итна изградба на нов, модерен Луна парк, наменет за сите генерации. Ова нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност. Луна паркот ќе биде пристапен за сите“, рече Ѓорѓиевски.
Тој потенцира дека овие забавни содржини ќе бидат достапни и за лицата со попреченост.
„Ќе бидат со вграден систем за безбедност, видео надзор и прва помош. Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Всушност, Скопје ќе добие нова атракција што ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот. Паралелно со тоа, ќе ја започнеме и целосната обнова на ЗОО градина Скопје. Ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Ќе се постават топлински пумпи за енергетски ефикасно греење, нови кровови со пластифициран лим, видео надзор, систем за безбедност и хигиена. Ќе се изгради центар за хипорехабилитација, каде деца со аутизам или церебрална парализа ќе можат да добиваат терапевтско јавање.
Останатите посетители овој центар ќе можат да го користат рекреативно. Ќе се воведе модерен систем за дигитална наплата преку Скопје сити гоу, за побрз и полесен пристап. Ќе се изгради бушотина за вода и силоси за храна за економично и одржливо работење“, вети Ѓорѓиевски.
Обновата на Луна паркот и ЗОО градината во Скопје, рече Ѓорѓиевски, не се луксуз, туку инвестиции во здравото детство, во семејството и во иднината на градот.
„Скопје повторно ќе биде град што се грижи – за своите улици, за своите жители и за секое дете што расте во него“, рече Ѓорѓиевски.






