петок, 13 март 2026
Локални избори 2025

Ѓорѓиевски прифати дебата на ТВ Канал 5, Мециновиќ го вика кај Школка

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски соопшти дека ја прифаќа поканата што ја добил од ТВ Канал 5 за дебата со неговиот противкандидат во вториот круг на локалните избори – Амар Мециновиќ од Левица.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа е прва телевизија со национална концесија која достави покана за дебата. Граѓаните заслужуваат отворена и аргументирана дебата, во која секој кандидат ќе ги претстави своите визии, програми и решенија за иднината на Скопје. Транспарентноста и почитта кон граѓаните се темели на вистинска демократија, а токму тоа ќе го покажеме и овој пат“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Претходно, Мециновиќ остро реагираше на, како што рече, „недемократскиот преседан“ создаден од институциите под политичка контрола, особено АВМУ.

„Ова е без преседан во историјата на изборите во Македонија. Само еден кандидат има пристап до билборди, медиумски простор и рекламирање, додека другиот, кој доби поддршка од скопјани е целосно исклучен од тој простор“, рече Мециновиќ, додавајќи дека ова е аларм за демократијата и ќе биде евидентирано во меѓународните извештаи.

Тој најави продолжување на теренските активности и порача дека кампањата не се однесува на него, туку на визијата за Скопје. Имаме јасен избор, статус кво или промена која сите заедно ќе ја изградиме, додаде Мециновиќ.

Мециновиќ воедно упати и директен апел до гласачите на СДСМ. „Иако партијата е во политичка криза, таму има многу луѓе кои ја делат визијата што јас ја претставувам. Ги повикувам сите кои ја поддржаа госпоѓата Каја Шукова во првиот круг да ме поддржат мене во вториот“, повика тој.

На прашањето за дебата со Орце Ѓорѓиевски, истакна дека го повикува противкандидатот пред Школка во Парк, надвор од студијата во, како што рече, неконтролирани услови, на дебата на која ќе имаат право сите национални и територјални медиуми со различни уреднички редакции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ