БРТ претставува современ систем на јавен превоз кој функционира по принцип на метро на тркала со посебни, одвоени ленти за движење, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила.
„Овој концепт овозможува побрз, сигурен и предвидлив превоз, значително намалување на гужвите и времето на патување, како и намалување на загадувањето, што го прави клучен чекор кон поодржливо и поеколошко Скопје.
Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток–Запад и втората Север-Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во Градот.
Со овој Договор прецизно се утврдуваат правата, обврските и меѓусебната координација помеѓу Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје во текот на целокупната имплементација на проектот.
Договорот ги регулира механизмите за управување со средствата од заемот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), формирањето и функционирањето на Единицата за имплементација на проектот, како и обврските за навремено обезбедување на сите административни, технички и финансиски предуслови.
Средствата од заемот на ЕБОР, во износ од 70 милиони евра, ќе се пренесат на Град Скопје како неповратни средства и ќе се користат исклучиво за реализација на проектот.
Договорот предвидува јасни процедури за повлекување на средствата, управување со посебните сметки, како и обезбедување на сите неопходни дозволи, одобренија и документација за непречено спроведување на активностите.
Договорот за имплементација е веќе одобрен и од Европската банка за обнова и развој.
Ова ќе овозможи започнување со конкретни активности на терен – од јавни набавки и техничка подготовка, до реализација на инфраструктурните работи.
Со ова, институциите ја потврдуваат заедничката заложба за современ, ефикасен и одржлив јавен превоз во Скопје, систем кој ќе донесе побрзо движење, подобар квалитет на живот и почиста животна средина за сите граѓани.
Почитувани, свесен сум за предизвиците со кои секојдневно се соочувате во јавниот превоз, проблем што не е од вчера, туку е наследен и со години наталожуван. Но денес, конечно, се преземаат конкретни и одлучни чекори за негово надминување.
Со силната поддршка и јасната заложба на Владата и премиерот Христијан Мицкоски, за што сакам посебно да му се заблагодарам, како и со процесот на набавка на 100 нови еколошки автобуси, поставуваме темели за суштинска промена.
Сакам искрено да изразам благодарност за оваа поддршка и на министерот за транспорт Александар Николоски, за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, затоа што токму ваквите одлуки значат вистинска грижа за граѓаните и нивното секојдневие.
Ова е инвестиција во квалитетен живот, во почист воздух и во достоинствен јавен превоз.
Убеден сум дека со заедничка посветеност, проблемите што со години беа дел од нашето секојдневие ќе останат зад нас, а пред нас ќе стои модерен, функционален и ефикасен транспортен систем каков што Скопје заслужува.
Најдоброто, доаѓа“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.






