„На мое големо задоволство, денес остварив средба со приватните превозници. Со добра координација и заедничка волја, за помалку од 48 часа откако ја презедов функцијата градоначалник на Скопје, постигнавме конкретен договор: веќе од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици. Овој потег е сериозен исчекор кон подобрување и стабилизирање на градскиот транспорт. Дополнително, до Нова година уште 20 автобуси ќе бидат вклучени во системот, со што јавниот превоз ќе биде целосно нормализиран“, објави градоначалникот на Фејбук.
Но, вели дека тука не застанува.
„До март, во соработка со Владата и Министерството за транспорт, ќе обезбедиме уште 80 нови автобуси. Заедно со градскиот воз, кој веќе ја започна првата фаза на реализација, и со проектот БРТ, започнуваме циклус на трајно решавање на сообраќајниот хаос кој со години го оптоварува нашиот град. Свесен сум во каква состојба се наоѓа Скопје. Свесни се и скопјани. Но, како никогаш досега, сум мотивиран да го направиме нашиот град достоинствено, чисто и современо место за живеење. И ќе успееме. Го имате мојот збор“, се додава во објавата.






