Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски со писмена изјава ги повикува скопјани на 15 декември во 18 часот на плоштад Македонија заедно да го осветлат градот и да споделат празнична магија.
„Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња. Нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат новогодишните и божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот ‘Македонија’, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух“, вели Ѓорѓиевски.
Најавува дека веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен!, истакнува скопскиот градоначалник.
Според прес-службата на Град Скопје, годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, посочуваат, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град.






