четврток, 29 јануари 2026

Ѓорѓиевски: Град Скопје набавува 40 нови возила за ЈП „Комунална хигиена“

Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информира за најобемната инвестиција во јавната чистота во изминатата деценија, со официјален почеток на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“.

Објавено на

часот

Сподели

Со оваа одлука Град Скопје прави суштински исчекор кон трајно и системско решавање на проблемот со одржувањето на јавната чистота, подобрување на хигиенските услови и обезбедување достоинствено, организирано и ефикасно собирање на отпадот во сите скопски населби. Проектот се реализира преку координирана соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства на Град Скопје, што јасно ја потврдува силната институционална заложба за здрав, уреден и модерен град – информираат од Град Скопје.

„Убава вест за Скопје – набавуваме повеќе од 40 возила за ‘Комунална хигиена’. Почитувани скопјани, како што ветив кога ја барав вашата доверба, најдоброто за Скопје доаѓа. Денес, со огромна радост ве информирам дека официјално почна постапката за набавка на специјализирани возила за потребите на ЈП ‘Комунална хигиена’, кои ќе донесат ред и достоинство во нашиот град. Тендерската постапка, која ја спроведува Министерството за транспорт во соработка со Светската банка, е веќе распишана, а по завршувањето на сите правни процедури, ќе почне и испораката на возилата“ – објави Ѓорѓиевски на својот Фејсбук-профил.

Покрај ова, посочува градоначалникот, денеска, на седницата на Советот на Град Скопје ќе биде усвоена и програмата за „Комунална хигиена“, со која Градот обезбедува уште повеќе од десет нови камиони од сопствени средства.

„Ова значи дека во Скопје ќе пристигнат и ќе бидат ставени во функција повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила, кои секојдневно ќе се грижат за чистотата во целиот град. Ова истовремено е и најголемата инвестиција во јавната чистота во последните десет години, што јасно говори за нашите силни заложби за доброто на граѓаните. Само за споредба, ова се случува за помалку од три месеци откако сум градоначалник во споредба со осум години во минатото кога биле набавени само четири возила. И ова не е крај, набавката на нови возила за потребите на претпријатието продолжува во континуитет. Проблемот со отпадот, кој со години ги мачеше скопјани, заминува во историјата“, наведува Ѓорѓиевски.

Градот, нагласува, ќе располага со доволен број современи возила за да ги покрие секоја населба и секоја улица навремено, организирано и достоинствено затоа што чист град, значи здрав град, а здрав град – подобар живот за сите.

„Искрено и од срце сакам да им се заблагодарам на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот Александар Николоски за нивната силна поддршка и за вистинската грижа за граѓаните. Почитувани скопјани, заедно ги испишуваме новите страници од убавата историја на градот. Повеќе нема да се прашуваме дали можеме подобро. Тоа подобро реално ќе го живееме!“, објави Ѓорѓиевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ