Во обраќањето на првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје, Ѓорѓиевски истакна и дека акцијата за чистење што почна синоќа, не е маркетинг.
„Уште од вчера бевте сведоци дека од првиот ден по преземањето на градоначланичката функција, почнавме ‘генералка’ за чистење на нашиот главен град. И тоа нема да биде само 72-часовна акција, тоа ќе продолжи во континуитет, буквално секој ден. И она што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака, се се може. Тоа е всушност наша обврска, а за тоа граѓаните не плаќаат“, потенцира Ѓорѓиевски.
Големата акција „72 часа чисто Скопје“ Ѓорѓиевски ја најави уште на 20 септември годинава, на партискиот настан што го организираа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кога беше промовиран како кандидат за градоначалник на Скопје, а почна да ја реализира веднаш по неговото официјално преземање на функцијата.
Акцијата стартуваше синоќа, од платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде беа паркирани десетици камиони, цистерни и механизација, подготвени за чистење на Скопје.






