На почетокот за распитот, Ѓорчевски кажа дека не го познавал Љупчо Палевски, првообвинетиот во овој случај, односно само имал слушнато за него од соседите, кои го нарекувале „Упа“, а тој го немал видено ниту лично, ниту на телевизија и не знаел како изгледа. Понатаму во сведочењето, таткото на убиената малолетна Вања, призна дека од 1993 до 1995 година бил зависник од дрога и дека употребувал хероин назално, а тоа го знаеле и неговите колеги.
Потоа Ѓорчевски во детали зборуваше зашто дал отказ и зошто 6-7 години, од 2010 до 2017 бил без работа. Тој рече дека се грижел за децата, зашто мајката Зорица имала вродена срцева маана и правеле сѐ за да ѝ олеснат.
На прашањето на обвинителката – зошто децата не оделе во градинка, а имале и две баби, а сепак тој решил да не работи и да живеат само од платата на Зорица, тој одговори дека „не е точно дека сме живееле од платата на Зорица“.
„Додека беше Зорица бремена живеевме само од моја заштеда, помош од моите родители. Што се однесува до градинката и бабите, бабите инсистираа да ангажираме жена, која подоцна ја фативме како на Миња ѝ дава апчиња за спиење за да биде мирна, а кога почнавме да ги носиме во градинка нон-стоп беа болни. Зорица имаше поголема плата и затоа решивме јас да останам со децата“, одговори Ѓорчевски.
На прашање на обвинителката дали за него било нормално да не работи, тој рече дека не било нормално, туку дека немал друг избор.
Обвинителката се повика на изјава од Трифун Костовски, во чијашто фирма бил вработен Ѓорчевски, дека тој не бил добар работник. На тоа, Ѓорчевски рече дека не слушнал за таква изјава и дека Костовски не бил директно надлежен за оценување на неговата работа во Кометал.
Во однос на неговото образование и констатација од обвинителството дека бил слаб ученик, Ѓорчевски рече дека до 6 одделение бил соученик со Радмила Шекеринска и биле првенци на генерација. Но во неговите тинејџерските денови татко му заминал во Полска, како претставник на Кометал и поради револт за тоа попуштил во училиште. Наведе и дека сакал да се запишам во средно училиште за да учи за компјутер, но татко му без да го праша го запишал во економско училиште за да можел полесно да го вработи.
На прашањата за грижа за децата, Александар Ѓорчевски кажа дека ги зборувајќи дека ги следел децата на Гугл мапс и дека на 26.11, помалата ќерка Миња била излезена и му се јавила дека е во негова близина да ја испрати до дома, зашто ѝ било страв. Но тој решил да не оди туку ѝ рекол да пушти камера. Ѓорчевски рече дека Миња не била смртно преплашена туку вообичаено уплашена и дека решил да не оди зашто му требало 15 минути додека стигне и Миња пак би била сама во темница, па затоа се договориле да вклучи камера .
„И тоа беше вообичаен начин на контрола. Се јавуваа или кај мене, или кај Зорица па кој беше во можност, тој разговараше со нив додека стигнат дома“, кажа Ѓорчевски.
За критичните денови, пред исчезнувањето на неговата ќерка Вања, Ѓорчевски кажа дека знаел за училишниот распоред на Вања и Миња и кажа дека и на 24.11.2023 во петок, како и секогаш во петок, Вања секогаш на првиот час одела сама, зашто на Миња наставата и почнуваше од вториот час. На 27.11.2023 понеделник, Вања по исклучок требало да оди на првиот час сама, а тоа се знаело ден претходно, а може и ден пред тоа, потврди Ѓорчевски и рече дека и Миња била известена за тоа. Причина за ова е, што децата цела недела губеле часови од класната раководителка и иако требало да се врати тој понеделник, сепак ги известиле дека пак ќе губат часови. Па обвинителката праша дали тоа значи дека само тој знаел дека Вања, сама ќе оди на училиште, по што Ѓорчевски рече дека „да“, тој знаел за тоа, но не може да знае што знаеле другите обвинети.
Што се однесува до утрото кога Вања беше киднапирана, Ѓорчевски рече дека бил толку избезумен што ѝ гол да се сминел долу, нема да било невообичаено. За утрото рече дека уште бил во кревет и на спикерфон зборувал со Зорица и се спремал. Рече дека во целото безумие не се сеќава кога и како комуницирале, но дека знае дека ѝ кажал дека ќе оди со свој братучед да ја бара Вања по болници. Рече дека знаел дека Зорица ќе оди во училиште и нема зошто да ја праша каде е Миња и дали е добро, а Вања ја нема.
„На што да дадам приоритет?, праша Ѓорчевски, раскажувајќи во детали што се случувало за време на потрагата.
Ѓорчевски рече дека не е чудно што заминал накај ГП Блаце, зашто добил информација дека ќе се претресуваат сите возила на граничните премини. Тој замоли обвинителството да даде наредба и да ги добие објективно и интегрално неговите движења, а не на судење да извади парцијална снимка и да се види дека одма се вратил и се одвратил од намерата.
Парашан зошто овие информации ги кажува сега, Ѓорчевски рече дека таа информација на Обвинителството е од него дадена и дека уште во истрагата барал детектор за лаги, но му рекле дека во таа фаза не можело. Потоа кажа дека реагирал и преку својот адвокат, на кој му било кажано дека до судот е доставена само таа снимка од пет секунди. Затоа Ѓорчевски праша зошто не била дадена снимката со десет секунди повеќе, каде што се гледа дека тој се враќа назад, а не оди накај граничниот премин Блаце.
„Во одбраната на 7.4 рековте дека сте имале сценарио и дека може да е киднапирана. Нели е тоа малку чудно?“, праша обвинителката.
„И јас се прашувам истото, но доказите наведуваа на тоа дека не по своја волја е замината во погрешен правец. Ние тоа со Зорица го констатиравме сабајлето во 8 и 48. Не е точно дека само јас сум го велел тоа, туку сите го констатираа тоа“, одговори Ѓорчевски.
Зборувајќи за сомнителниот автомобил, кој според исказот на Ѓорчевски чадел невообичаено чудно, Обвинителството праша како може токму тоа возило „цитроен“ да му биде чудно, кога на снимките се гледа дека сите возила исто чадат. Ѓорчевски меѓу другото рече дека тоа возило се движело многу бавно, времето се совпаѓало со грабнувањето на Вања. Обвинителството уште праша како пријателот на Ѓорчевски за добиените сознанија прво го известува Ѓорчевски и Гоце Трајковски, а не надлежните. Ѓорчевски одговори дека ако биле внесени регистарските таблички навреме денеска во судница ќе се збореше само за убиството на Панче. Претпоставувам, рече Ѓорчевски, дека е пропуст на полицијата.
Искра Опетческа