Одговарајќи на пратеничко прашање за ставот на Софија во однос на трилатералниот одбранбен меморандум потпишан од Тирана, Загреб и Приштина, Георгиев нагласи дека Бугарија е запознаена со иницијативата и дека внимателно го анализира текстот на документот, кој беше потпишан на 18 март 2025 година. Тој истакна дека до Министерството за надворешни работи пристигнало официјална копија од декларацијата преку дипломатска нота на албанската амбасада во Софија на 25 март 2025 година.
Министерот објасни дека Бугарија во ниту еден момент не била консултирана или официјално поканета да се приклучи кон иницијативата. Георгиев потенцира дека земјата одржува одлични билатерални односи со сите три држави. Со две од нив – Албанија и Хрватска, Бугарија е сојузник во НАТО, додека во Косово има бугарски воен контингент, дел од мировните сили на НАТО (КФОР), чија задача е да го гарантира мирот и стабилноста.
Министерот исто така предупреди дека ризиците за безбедноста кои произлегуваат од војната на Русија во Украина и други регионални конфликти бараат приоритетно исполнување на веќе преземените обврски во рамките на НАТО, особено во зајакнувањето на источниот фронт. Во врска со неодамнешниот договор за одбранбена соработка меѓу Србија и Унгарија, Георгиев изјави дека Бугарија не може да го коментира, бидејќи станува збор за билатерален документ во кој Бугарија не е страна.
Демантот на бугарскиот министер за надворешни работи доаѓа по изјавата на министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, кој во интервју за ТРТ Балкан кажа дека имаат потврда од Бугарија, која претходно разговарала со хрватскиот министер за одбрана, за да се придружи кон тројниот договор.
Освен придружувањето на Бугарија, Маќедонци кажа и дека очекува кон овој договор да се приклучат и други земји од регионот.
„Имаме потврда од Бугарија, која претходно разговарала со хрватскиот министер за можноста да се приклучи на договорот, но целосно верувам дека и други земји од регионот, особено оние кои ги делат заедничките вредности со нас, и нормално, заедничките интереси, бидејќи вредностите сами по себе не се доволни, да се приклучат на овој договор, оваа декларација, чија цел е мир, стабилност и безбедност“, изјави Маќедонци.
Трилатералниот меморандум од областа на одбраната меѓу министерствата за одбрана на Албанија, Косово и Хрватска беше потпишан на 18 март во Тирана.