На Скопскиот аквадукт се очекува да бидат присутни и поддржувачите на еко акцијата: вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје, Снежана Савиќ Димовска, австрискиот амбасадор Мартин Памер, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, секретарот на Црвен Крст, Сузана Тунева Пауновска, како и членови на амбасадите присутни во земјава, волонтери и повеќе јавни личности.
На 9, 10 и 11 мај, по петти пат ќе се одржи најголемата годишна национална акција за собирање отпад – Генералка викенд (волонтерска акција од граѓаните за граѓаните), создадена од Мен енд Маунтен, заедно со главниот стратешки партнер Пивара Скопје и официјалните партнери: Пакомак, Нула отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Макстил, Бучим Боров Дол, Саубермахер и Костал.
Со поддршка на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, за првпат, Генералка викенд ќе биде вклучена и во едукативниот проект „Еко час“. Учениците од сите училишта ширум земјава ќе добијат за домашна задача на 9 мај заедно со наставниците и професорите да ги исчистат училиштата, на 10 мај учениците заедно со нивните семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а на 11 мај учениците заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и пикник местата во нивното опкружување. Нивна задача е да го фото-документираат чистењето и на првиот школски час да ги презентираат резултатите.
Во изминативе четири години беа собрани еден милион килограми отпад за време на Генералка викенд, досега земаа учество над 44.000 волонтери, исчистени беа повеќе од 1.000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја.
Во пресрет на еко акцијата со видео порака се огласи и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.