За што и колку некоја општина се грижи е проверлив податок кој секогаш се рефлектира во општинскиот буџет. Затоа ова е наша јавна пофалба на Општина Гази Баба и градоначалникот Бобан Стефковски, кои во рамки на своите овластувања покажуваат хуманост, одговорност, грижа за граѓаните и животните, велат од Анима мунди.
„За да нема бездомни кучиња на улиците, потребни се добри и прецизно регулирани закони, кои ги немаме зошто Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Влада се во зимски сон, а сме им доставиле готови измени на закон кои заглавиле веројатно во нечија фиока, општини на кои благосостојбата на граѓаните и животните, здравствената заштита и безбедноста им се побитни од коекакви споредни луксузи и каприци, кои сериозно и посветено ќе работат на локализирање на проблемот и спречување на нови и нови единки на улица“, велат од Анима мунди.
Оттаму уверуваат дека бездомни животни ќе нема, тогаш кога ќе се воспостави строга контрола на приливот нови единки на улица, ќе се забрани слободното размножување на животни, продажбата на црно, кога напуштањето животни и суровоста ќе бидат најстрого казнети, кога секоја институција ќе го преземе својот дел, и кога ќе ја спроведува својата одговорност за која е надлежна.
„Кога на раководни позиции ќе стојат поединци кои се вложуваат и грижат“, категорични се од Анима мунди.






