петок, 5 декември 2025
Воведни говори на одбраната на рочиштето за трагедијата со 63 жртви

Газда Деко се расплака на судењето за „Пулс“, родителите на загинатите деца излегоа од судница кога кажа дека им ја знае болката

Дејан Јованов, првообвинетиот во постапката за трагедијата во „Пулс“, денес во судница за прв пат прозборе пред семејствата на загинатите деца, кои уште од првото рочиште, на првото појавување на „газда Деко“, како што е познат во Кочани, изразија голем револт кон него.

Објавено на

часот

Сподели

На денешното судење Јованов се расплака уште на првата реченица кога беше прашан од судијката Диана Груевска Илиевска дали се приклучува кон воведниот говор на неговата адвокатка, Ивана Коцевска. Газда Деко вели дека ниту по девет месеци од пожарот не можел да биде свесен што се случило во клубот во кој, како што рече, пораснале многу генерации.

„До ден денес се чудам и сè уште не можам да поверувам што се случи таа вечер, цели 9 месеци сум затворен во 4 ѕида и ја преживувам таа трагична ноќ, но не можам да поверувам што се случи. Таму се собираа сите млади, и моите деца, но не сум дозволил да фали нешто. Зарем сериозно мислите дека кога би знаел дека нешто фали, не би презел сè за да се отстрани навреме? Во тој клуб пораснаа многу генерации и сите што ме познаваат, знаат колку се грижам за безбедноста на клубот. Сакам да изразам сочувство, ја знам нивната болка и тага, бидејќи и ние имаме и починат и повреден член и ја носиме истата болка како и вие. И не ми е јасно зошто е обвинет мојот син бидејќи немаше никакви допирни точки со клубот, тој беше само гостин во клубот“, низ солзи рече обвинетиот Јованов.

На ова дел од родителите на загинатите деца револтирани излегоа од судница и му порачаа дека не знае тој низ што минуваат тие.

Адвокатката Ивана Коцевска, која го застапува Јованов, но и неговиот син, пред судот тврди дека Јованов не е виновен бидејќи тој не бил свесен, ниту можел да биде свесен дека постоеле пропусти во работењето на „Пулс“, бидејќи институциите му дале дозвола за работа, а сето тоа траело 13 години, а за настанатиот пожар, таа рече дека членовите на групата ДНК воопшто не му ни пријавиле на обвинетиот Јованов дека ќе има огномет за време на сценскиот настап.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Судењето е во тек.

Катерина Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ