понеделник, 14 јули 2025

Гасоводот со Грција ќе биде во функција во 2027 година, Македонија ќе добие големо геостратешко значење, смета премиерот Мицкоски

Гасоводот со Грција е отпочнат да се гради, откако бил закочен, поради тоа што претходната влада на СДСМ и ДУИ креирале спецификација, која не одговара на критериумите, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарско прашање за тоа, дали се гради гасоводот со Грција и какво значење ќе има за нашата држава.

Објавено на

часот

Сподели

„Како Влада затекнавме еден проект, којшто седум години не беше поместен од место и кога беше извршена некаква евалуација, тогаш заемодавателите одлучија да го прекинат. Поради тоа што претходната влада на СДСМ и ДУИ креирала спецификација каква што не одговара на критериумите што ги даваат заемодавателите. На брза лента го ставивме тој проект, го корегиравме со новото раководство на НОМАГАС и тендерската документација“, изјави Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за управни работи во Скопје.

Посочи дека оваа тендерска постапка е завршена, потпишан е договор со фирма изведувачи и во моментов траат градежните активности.

„Се надевам дека многу скоро од денеска сите заедно ќе појдеме на лице место и да се радуваме на уште еден проект, којшто е многу значаен за сите нас – бидејќи прво е двосмерен, не е едносмерен како цевководот, којшто доаѓа од Бугарија. Овој е двосмерен, а доколку се надевам и дека многу скоро ќе почне и градбата на северниот интерконектор со Србија“, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека со изградбата на овие два гасоводи, со Грција и со Србија, како држава ќе бидеме на мапата на транзит на гас и многу значајна за транзит на гасот од југот, односно од терминалот Александрополи, или пак од другите земји извознички на гас – Азербеџајн, Катар и други земји, кон централна Европа.

„И ние како држава добиваме едно исклучително големо геостратешко значење. Тоа е една од моите лични цели, кои во овој мандат, во овој четиригодишен прв мандат да ја завршиме“, подвлече Мицкоски.

Инаку, Министерството за енергетика, операторот НОМАГАС  и изведувачот „Рапид билд“ на 7 мај годинава го потпишаа договорот за реализација на проектот вреден 59,9 милиони евра. Интерконекторот од Неготино до Гевгелија, кој треба да се поврзе со грчкиот дел што се гради од Неа Месемврија до границата, ќе биде готов за околу две години, а гасоводот ќе биде во функција во 2027 година. Со оваа врска, Македонија ќе може да се снабдува и со природен и со течен гас од терминалите во Ревитуса и Александрополи. Кумановската компанија „Рапид билд“ ја доби работата на вториот тендер, со понуда што беше за 12 милиони евра пониска од втората најдобра – српска фирма.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ