сабота, 27 декември 2025

Гаши: Треба да се смени пристапот дека Собранието е гласачка машина за носење закони

Претседателот на Собранието, Африм Гаши во интервју за МИА, ја сумира годината, односно резултатите од работата на парламентот во 2025, но и предизвиците што се пренесуваат во 2026 година.

Објавено на

часот

Сподели

Во Собранието мора да преовлада взаемната почит помеѓу пратениците, па и на различни политички партии. Ако не се почитуваме ние самите себеси едни кон други, немаме почит, не можеме да очекуваме дека граѓаните ќе не почитуваат. Оттука почнува се, вели во интервју за МИА, Африм Гаши.

Разликите постојат и треба да останат, вели тој, но, не треба да бидеме барикадирани во нив туку низ дијалог и врз база на аргументација да доаѓаме до заеднички решенија кои се во функција и добробит на сите граѓани.

Во пораката што ја упатува до пратениците и до граѓаните во пресрет на новата година, Гаши посочува оти очекува да се зголеми политичката култура и взаемната почит. Да почнеме, потенцира тој, да размислуваме за најбитните човечки особини за коишто сме учеле уште од детството, како што се почитта, респектот, толеранцијата, љубовта која треба да ја покажеме кон нашите колеги и другите луѓе со кои работиме заедно. Тие треба да преовладуваат.

Премногу негативна енергија имаме, контаминирано општество создаваме. И Собранието треба на некој начин да биде предводник на ова премостување на вредносниот систем. Треба да направиме и вредносна транзиција во општеството. Да почнеме да зборуваме за добрите работи, за почита, за љубовта, за позитивните работи во државата, за помош, солидарност, за емпатијата, за етиката, за моралот, нашите семејни вредности итн, порачува Гаши.

Еден од „хроничните“ предизвици на Собранието е носењето законите по скратена постапка, за што и самиот спикер на парламентот рече дека ќе им укажете на премиерот и на пратениците. Тој во интервјуто вели дека има начин да се намали бројноста на законите по скратена постапка.   

Прво, веднаш планираме во јануари да донесеме календар, ќе предложиме на координација, календар на активности и на пленарни седници по кои ќе комуницираме со Владата, и тие ќе знаат точно кои месеци, кои денови точно ние планираме пленарни седници. За ако бидат експедитивни ќе знаат точно, ако сакаат и кога сакаат да им се донесе закон, ќе знаат точно кога да го пратат. И ќе треба сензибилизација. Јас мислам дека не е работата само до Владата. Имаме, за жал, неквалитетна или недобра култура во однос на меѓуинституционалната работа помеѓу ресорите и службите што работат во министерствата, и во Собрание. За 34, 35 години така се научени побрзо да ги завршат работите. Мислат дека Собранието треба да биде гласачка машинерија за носење на закони. Тој пристап мора да се смени. Мораме да ја подигнеме важноста и дигнитетот на Собранието. И министрите и администрацијата во главата, а сите предлагачи кои предлагаат закон, треба да знаат дека, сепак, тоа е највисокото тело и најбитната институција во државата, според Уставот кој ние сме го донеле. Ние сме одлучиле таа да биде најбитната институција. Целиот политички систем ни се базира врз таа парламентарна демократија. Ако тоа е така, мораме да му го дадеме тоа значење на Собранието. Законите треба да се носат во редовна постапка, затоа што така ќе имаме можност и за поголема промоција, ќе имаме можности за вклученост на експертската јавност, вели Гаши во интервјуто.

Тој нагласува дека сега е идеално време да се започне со измените на Изборниот закон, кога нема притисок од некакви избори во блиска иднина. На прашањето дали постои некоја временска рамка до кога треба да се заврши работата, Гаши вели дека е полесно да се работи кога нема избори на хоризонтот. 

Неблагодарно е да кажам, зависи од тоа каков текст имаме, колку измени се предложени, колку забелешки, предлози ќе има од политичките партии, како ќе оди усогласувањето. Така што, навистина неблагодарно, но се согласивме дека што побргу почнеме да ги решаваме тие работи кога изборите не се навидум, ќе биде полесно. Ако веќе знаеме, се доближуваме до термини каде веќе изборите се во хоризонтот, тогаш станува потешко и за компромиси. Така што, идејата ни е да почнеме веднаш во јануари и со зголемена динамика да почнеме со усогласување на ставовите, смета претседателот на Собранието.

За изборот на народниот правобранител, Гаши апелираше до политичките партии да се изнајде политичка волја за решавање на проблемот, кој се појави во тн. голем бадентер, односно недостасуваат неколку гласови од немнозинските заедници.

Народниот правобранител е многу важна институција во државата. Ние ја почнавме таа процедура, помина и на Комисијата за изборите и именувањата, стигна на пленарна седница. Не сакавме да ја ставиме точката на гласање пред да бидеме сигурни, отприлика да знаеме дека со сигурност би поминала, затоа што потоа повторената постапка ќе значи губење на време. Ова го правиме во функција на што побрзо решавање на таа ситуација. Значи државата да има народен правобранител што е многу битно за реализирање на основните права на граѓаните, како и на особено и во текот изборите на опозициските партии итн. Како и да е, ја знаеме важноста на таа институција, и многу е битно да имаме што побргу решение. Дотолку што заменикот народен правобранител има право на потпишување до крајот на декември. Ние после Нова година ќе се сведеме во многу тешка ситуација. Затоа апелирам и до сите политички партии, повикувам и преку во вас и преку вашата емисија до сите пратеници да смогнеме сили да се состанеме. Овие денови да размислиме, понеделник, вторник, можеме на седница да ја ставиме (точката), да ја свикаме седницата, и веднаш да го изгласаме, вели Гаши.

Во поглед на измените на Кривичниот законик, тој нагласи дека ќе биде точка на една од првите седници наредната година.

Мислам дека на една од првите наредни седници во текот на јануари, ќе го ставиме Кривичниот законик како точка на дневниот ред. И тој закон е донесен во редовна постапка, зашто е добро да имаме повеќе време, неколку дена е доставен до пратениците во Собранието. Ние го отвораме за јавност. Кога ќе се свика комисијата пред првото читање, ќе имаат можност и во комисијата да расправаат веќе за промените, па потоа во прво читање, во второ читање, ќе имаме време и за јавни дебати, за експертската јавност. Така што, тоа е тоа за што и пред малку зборев за можноста за носење на еден закон во поквалитетна форма. Редовната постапка е најдобриот начин да се дојде до таа форма. Јас сум убеден дека ќе го донесеме, ќе ги донесеме тие измени и ќе се вратиме на лентата каде што државата порано беше, а се надевам дека ќе треба да навлеземе многу сериозно во реформите во правосудството, затоа што навистина перцепција на сите граѓани е дека тука треба да биде фокусот во 2026 година. Еве имаме, после оставката на јавниот обвинител, ќе имаме можност и во тој дел да имаме реформа. Имаме нов закон за Судскиот совет така што, веќе се гледаат првите битни работи кои можат да донесат клучни промени во правосудниот систем, вели Гаши.

За перспективите на коалицијата Вреди, од која и самиот потекнува политички како лидер на партијата Алтернатива, Гаши вели дека идејата таа коалиција да стане еден политички субјект е многу жива и многу активна и дека може да се реализира набрзо.

Како што кажав и претходно, кога сте посветени на една работа, не можете да бидете посветени во друга. Моите истомисленици, пријатели, ми дадоа обврска да говорам во Собранието и јас сум целосно посветен тука. Кога бев претседател на Алтернатива, бев целосно посветен во улогата на претседател на Алтернатива и таа работа може да ја цениме денеска, и во функција на овие промени, соединувањето, правењето на таа коалиција и сè што се случи до 2024 година, и сега на Локални избори во 2025 година. Но, сега јас сум многу среќен што коалицијата Вреди добро функционира. Идејата за станување еден политички субјект е многу жива и многу активна. Таа може да се случи набрзо. Тоа го знам од информациите, нормално со моите пријатели. И јас мислам дека тоа е праведниот пат и најдобриот пат кон кој треба да се движи нашата коалиција. Граѓаните се уморни од атомизирање, од поделби, од политички партии. Сакаат да видат сигурност, сакаат да видат сплотеност, сакаат да видат дека политичарите и лидерите можат да се надминат себеси. Дека не е битката кој ќе биде претседателот, туку битката е на кој пат одиме, кои вредности ги промовираме, за што се ангажираме и за што се бориме. Ако вака ги гледаме работите, јас сум убеден дека многу брзо ќе дојдеме до еден политички субјект, кој би се нарекол голем, и ќе биде апсолутно потоа помалку битно кој ќе биде претседателот, кои ќе бидат членовите итн. Мислам дека за две години, поминавме два тешки изборни процеси, парламентарните и локалните. И оваа политичка композиција е доволно хомогенизирана и е докажана дека може да функционира и на парламентарни, и на локални, и во кампања, и да состави листи, и да направи заедничка кампања, и да функционира во Владата, и во Собрание функционираме без разлика, никој не знае кој од која партија е. Така што има доста елементи на сплотеност за овие две години. Мислам дека треба да се додаде енергија на сплотеноста, и Вреди да стане една политичка партија, вели Африм Гаши, како претседател на Собранието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ