Гаши нагласи дека тоа е работа на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата и тие треба да донесат одлука да се повтори огласот.
„Ќе треба да ги прашате претседателот и членовите на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата. Најверојатно се на мислење да се повтори огласот затоа што веќе имаме нов закон и ќе треба сите членови да се изберат по новиот закон. Но, тоа мора да го донесат како одлука претседателот и членовите на Комисијата за изборите и именувањата. Сепак, работа е на Комисијата за изборите и именувањата. Кај нив треба да се обратите. Но, како битен момент за кој сме разговарале е токму моментот што имаме нов Закон за Судскиот совет и тој веќе ги менува правилата на игра“, рече Гаши.
Коментирајќи ја вчерашната лидерска средба, Гаши ја оцени како конструктивна. Очекува денеска да се сретнат координаторите на пратеничките групи за да ги усогласат законите за кои се договориле да бидат донесени побрзо.
„За лидерската средба, јас сум запознаен од вас новинарите преку нивните изјави. Она што го разбрав од моите колеги, кои беа дел од лидерската средба, е дека таа била исклучително конструктивна. Очекувам дека денеска ќе има средба на координаторите во Собранието и ќе почнат со работа да ги усогласат законите за кои се договориле да ги донесат што побргу. Исто така, и за народниот правобранител. Можно е денеска-утре да имаме решение. Таа ќе произлезе од координаторите“,истакна Гаши.






