вторник, 3 јуни 2025

Гаши: Транспарентноста е темел на силно, почитувано и достоинствено Собрание

Секој доаѓа на одредена функција со своја цел и визија, а за мене овој настан е важен токму затоа што преку него гледам како се конкретизира дел од мојата визија за едно транспарентно, отворено и одговорно Собрание пред граѓаните, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши во обраќањето на конференцијата „Трансформирање на иднината: Дигитална стратегија за современ парламент“.

Објавено на

часот

Сподели

Тој истакна дека не е случајно што дигитализацијата на Собранието е еден од клучните приоритети на неговиот мандат, затоа што верува дека само преку транспарентност и ефикасност може да се зајакне довербата на граѓаните во оваа институција.

„Ова претставува и пресвртна точка за Собранието, бидејќи преку презентирањето на овие платформи се отсликува заедничката и сериозната посветеност за враќање на достоинството на институцијата. Во текот на изминатата година постојано нагласував дека транспарентноста е клучот во борбата против корупцијата и во градењето на едно почитувано Собрание. Со овие иницијативи се создава можност за сите граѓани, пратеници и за администрацијата да имаат полесен, побрз и поефикасен пристап до суштински информации“, нагласи Гаши.

Според него, овие дигитални платформи „Веб платформа за канцелариите за контакт со граѓаните“ и „Дигитален мост“ – претставуваат иновативни алатки, односно софтверски решенија, кои имаат за цел да ја зајакнат врската помеѓу Собранието и граѓаните.

Во ерата на технолошката револуција, како што истакна Гаши, користењето на вештачката интелигенција и создавањето на дигитални асистенти кои помагаат во обработката и дистрибуцијата на информации од пленарните седници не претставува само релевантно решение, туку и значително олеснување за граѓаните, медиумите, администрацијата и истражувачите, кои имаат потреба од суштински информации за овие процеси.

„Од друга страна, електронската платформа за канцелариите за контакт со граѓаните не само што ја олеснува комуникацијата и пристапот на граѓаните до пратениците, туку обезбедува и прецизна статистичка слика за работата и ангажманот на пратениците и пратеничките групи. Виртуелниот простор е исто така така наречена „адреса“, па со оваа платформа, секој граѓанин има своја адреса – без оглед на неговата локација и на предизвиците за физички контакт со пратениците“, рече Гаши.

Овие проекти, како што посочи, се конкретен пример како технологијата може да се стави во служба на транспарентноста, ефикасноста и одговорноста.

И токму затоа сум горд на реализацијата на овие платформи, кои имаат колосално значење, рече Гаши и додаде дека ја користи оваа прилика искрено да им се заблагодари на Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП) – за плодната и креативна соработка во рамките на овој проект. Благодарност упати и до извонредните експерти од Симфоника и Бејнстер, кои се автори на оваа извонредна работа, како и до Амбасадата на Швајцарија, за нивната безрезервна поддршка во изградбата на едно модерно Собрание.

„Сепак, ова го гледам само како почеток. Во својство на претседател на Собранието, ве уверувам дека ова Собрание ќе стане сè потранспарентно, подостапно и поодговорно. Иако ова е мојата прва година на оваа функција, мојата заложба е целосна и искрена – да создадеме Собрание кое навистина ќе биде дом за сите граѓани. Затоа, нека овие две платформи бидат првиот чекор кон едно посилно и подоверливо Собрание“, истакна Гаши.

На крајот од своето обраќање Гаши посочи дека транспарентноста е темелот на довербата, а довербата е темелот на едно силно, почитувано и достоинствено Собрание. Затоа, како што додаде „транспарентноста е нашата визија, а дигиталната трансформација е нашата мисија за таа визија да стане реалност“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ