Собраниската прес-служба соопшти дека Гаши изразил големо задоволство од средбата и истакнал дека „очекува искреното пријателство што постои меѓу двете држави во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува“.
„Тој потенцираше дека иако двете држави се географски оддалечени, односите меѓу нив се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемно почитување. Република Северна Македонија континуирано го афирмира ставот за постоење на една Кина, како и ставот дека Владата на НР Кина е единствената легитимна Влада на кинескиот народ, а Тајван е недделив дел од кинеската територија“, се наведува во соопштението.
Амбасадорката Шјаојан информирала за сите активности кои се преземени од Народна Република Кина за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областите како што се образованието, културата, науката, здравството, медицината и др.
„Таа истакна дека за Кина нашата држава претставува крстосница на повеќе цивилизации, мост меѓу Истокот и Западат и значаен партнер во регионот. Двајцата соговорници се согласија дека во иднина има уште многу нови можности за соработка особено во областа на дигитализацијата и вештачката интелигенција особено во време кога Собранието на Република Северна Македонија сериозно работи на целосно дигитализирање на сите работни процеси во парламентот“, известува собраниската прес-служба.






